Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Ивица Томовски вели дека одредени министри од минатата Влада се однесувале недомаќински и трошеле многу.

– Прв пример ни е Маричиќ секојдневно го слушаме, најголемиот потрошувач, рече вечерва Томовски во интервју за ТВ 21.

Тоа, дополни, го работи Обвинителството.

– Тука малку ни каска Обвинителството, не постапува посоодветно, дали немаат доволен капацитет, дали не се доволно добро организирани, но да, во право сте, во рокот од 11-12 месеци досега требаше да има повеќе дела не само во Службата за општи заеднички работи туку генерално во целата држава. Но, ајде да се надеваме дека ќе се оправат или пак ќе треба да се бара решение да се прави нов избор или реизбор, наведе Томовски.

Директорот на СОЗР соопшти и дека во СОЗР во моментов се вршат испитувања од одделот за економски и организиран криминал во Министерството за внатрешни работи.

– Апсолутно се согласувам, можеби работите одат споро, но има одредени дела. Службата има околу 400 директно вработени и уште 300 надворешни, хигиена, одржување, обезбедување кои се преку фирми. Имаше дела, имаше едно дело каде претходниот директор заврши во притвор, не знам дали е уште во притвор, но имаше дела кои му се водат од страна на Финансиската полиција, има уште едно не би можел да кажам дека е дело но дека се врши испитување истражување од страна на МВР, одделот за економски и организиран криминал, па да оставиме да видиме, тие се службите коишто треба да извадат некакво дело, да го дадат до Обвинителството, тоа да постапи. Наше е да им ги отвориме вратите, да им ги дадеме документите на увид, рече Томовски. (МИА)