„Јас сè уште не можам да разберам што е тоа модерен македонски идентитет и модерен македонски јазик, како што има обид да се вметне во овој документ од Европскиот парламент и во таа смисла мислам дека во моментот, ценејќи ги околностите, не мислиме дека има создадено услови за уставни промени, бидејќи, очигледно е дека уставните измени се веројатно најмалото барање кое го има планирано Бугарија во однос на македонското прашање“, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за „360 степени“.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски не очекува по локалните избори да има промена во државните позиции во однос на уставните измени.
Во интервју за „360 степени“ дадено на маргините на Самитот на НАТО во Хаг, Муцунски беше прашан за ставот кај дел од меѓународните претставници дeка власта тактизира на оваа тема и дека сè ќе биде поразлично по локалните избори наесен.
„Мислам дека нашите позиции се доста јасни и резултатот на претстојните локални избори нема да влијае врз тие позиции. Нема да влијае врз нашето очекување за предвидливост, нема да влијае врз нашето очекување дека кога нашиот сосед бара од нас одредени промени во делот на малцинските права, треба да очекува дека и ние ќе имаме некои очекувања дека од нивна страна ќе се почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), нашето очекување за поголема јасност во европските документи дека нема повторно да бидеме доведени во иста ситуација. Не е ова прва отстапка што се бара од нашата држава од ваков вид и да, процесот на европска интеграција на сите земји во сите фази на проширување бил тежок и комплексен, но ниту еден не бил како што е македонскиот случај и од таа гледна точка, не очекувам по локалните избори да има промена по однос на позицијата што ние како држава ја имаме по ова прашање“, кажа Муцунски.