Израелските и американските напади врз иранските нуклеарни постројки предизвикаа значителна штета на нуклеарната програма на Иран, но аналитичарите велат дека залихите на збогатен ураниум на Иран се недопрени.
Со нападите врз нуклеарната постројка во Исфахан уништена е опремата која Иран ја користеше за претворање на збогатениот ураниумски гас во густ метал, процес познат како метализација и еден од последните чекори во производството на експлозивно јадро за атомска бомба, објави „Њујорк тајмс“.
Некои експерти тврдат дека уништената опрема можеби немаше да постои доколку американскиот претседател Доналд Трамп не го напуштеше нуклеарниот договор со Иран, кој беше договорен од американскиот претседател Барак Обама за време на неговиот прв мандат, за ограничување на нуклеарниот потенцијал на Иран.
Експертите велат дека Иран ги интензивираше операциите во Исфахан откако Трамп го напушти договорот, и сега беше принуден да ја неутрализира заканата што ја создаде.
„Малку е веројатно дека денес ќе моравме да бомбардираме постројки за производство на збогатен ураниум доколку првата администрација на Трамп не го напуштеше нуклеарниот договор со Иран“, рече Роберт Ајнхорн, поранешен службеник за контрола на оружјето кој работеше на преговорите меѓу САД и Иран за време на администрацијата на Обама.
Мајкл С. Лубел, професор по физика на Градскиот колеџ во Њујорк, кој имал федерални дозволи за пристап до владини тајни за нуклеарно оружје, рече дека „претседателот Трамп го создаде најновиот хаос“.
„Нема сомнение дека договорот со Иран функционираше. Тој (Трамп) го искина, создаде хаос, а сега се прогласува за спасител“, рече Лубел.
За критиките кон Трамп, портпаролката на Белата куќа вели дека Трамп „бил во право за сè“ во врска со конфликтот во Иран, вклучително и неговиот презир кон договорот од 2015 година.
„Соединетите Американски Држави никогаш не требаше да го прифатат ужасниот договор со Иран на Обама. Претседателот Трамп го направи она за што претходните претседатели само зборуваа. Нуклеарната програма на Иран е уништена, постигнат е историски прекин на огнот и целиот свет е побезбеден“, рече Ана Кели, портпаролката на Белата куќа.
Аналитичарите сега внимателно и претпазливо ги проучуваат влијанијата од израелските и американските воени кампањи, но многумина истакнуваат дека постојат докази дека Иран развил планови за резервни тајни локации како резервна опција во случај на вонредна состојба.