Потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски денеска оствари средба со Матеј Закоњшек, директор на Меѓународната организација – Транспортна заедница, како и со заменик-директорката Љуба Силјаноска.
На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, директорот Закоњшек ја истакнал основната цел на Транспортната заедница — интегрирање на земјите од Западен Балкан во заедничкиот транспортен пазар на Европската Унија. За таа цел, како што нагласил, од суштинско значење е спроведувањето на неопходни реформи и целосното усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ, што е од голема корист и за државата и за граѓаните, особено во контекст на слободното движење на стоки и услуги.
Директорот Закоњшек ја подвлекол важноста од континуирана соработка со Собранието, особено со Комисијата за европски прашања и Комисијата за транспорт и врски, како и со Министерството за транспорт. Притоа, посебно ги истакнал како приоритетни инфраструктурните проекти Коридор 8, кој го поврзува Јадранското со Црното Море, и Коридор 10, кој воспоставува врска меѓу Грција и Србија, при што Република Македонија претставува стратешка транзитна точка за двата коридора.
Милошоски се заблагодарил за споделените информации и го образложил законодавниот процес за усогласување на националните закони со европското законодавство, објаснувајќи дека законските предлози се поднесуваат од страна на Владата со европско знаменце. Дополнително, тој нагласил дека е потребно посебно внимание да се посвети на развојот на железничката инфраструктура, со цел воспоставување на поврзување меѓу Скопје, Кичево и Албанија.
Како што се наведува во соопштението од Собрание, соговорниците се согласиле дека развојот на квалитетна и современа инфраструктура е од суштинско значење за олеснување на слободното движење и за подобра регионална поврзаност. Било посочено дека Транспортната заедница останува клучен фактор во координирањето на овие процеси и во обезбедувањето на бенефити за сите граѓани и бизниси во регионот.