Северна Кореја тројно ќе го зголеми контингентот на своите војници во Руската Федерација, за учество во борбени операции со руските вооружени сили.

Северна Кореја е подготвена да испрати дополнителни 25.000-30.000 војници на фронтовските линии во наредните месеци, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на украински разузнавачки информации.

На овој начин, тие ќе го надополнат контингентот од 11.000 севернокорејски борци испратени како засилување за руската армија во ноември минатата година.

Во тоа време, руското воено раководство негираше дека користело странски трупи за војната против Украина, но ја потврди оваа информација во април 2025 година, тврди телевизискиот канал.

Според западните претставници, севернокорејските војници се бореле против украинската армија во Курската област, а околу 4.000 од нив биле убиени или ранети.

Сепак, ова не го запре Ким Џонг Ун, а неговата соработка со Москва е во нагорна линија.

Според украинското разузнавање, руското Министерство за одбрана е способно да обезбеди „потребна опрема, оружје и муниција“ за „понатамошна интеграција во руските борбени единици“. Во извештајот се нагласува големата веројатност севернокорејските трупи да бидат вклучени во борбите на окупираните украински територии, како и да учествуваат во големи офанзивни операции.