На празникот на Преподобен Наум Охридски Чудотворец, исцелител и просветител на македонскиот народ и основоположник на словенското монаштво, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан денеска богослужеше и проповедаше на Светата Архиерејска Литургија во храмот посветен на Свети Наум во скопската населба Радишани.
Многубројниот верен народ којшто го беше преполнил храмот се причести со светите Христови Тајни.
Празнични богослужби денеска се одржуваат во сите храмови на МПЦ-ОА.
Празникот особено торжествено се одбележува во манастирскиот комплекс Свети Наум на Охридското Езеро.
Култот на Свети Наум е мошне силен кај охридските верници, кои секоја година на празникот во манастирскиот комплекс доаѓаат во голем број, да се помолат за своето и за здравјето на нивните најблиски, бидејќи се верува дека Свети Наум Охридски имал чудесна моќ на излекување и дека бил голем исцелител. Покрај православни верници на празникот на светецот бројни се и гости од странство, како и граѓани од другите вероисповести кои го почитуваат делото на Свети Наум Охридски.
Свети Наум Охридски со Свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Учествувал во Моравската мисија, во Рим кон крајот на 867 или почетокот на 868 бил посветен во духовен сан, а по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското езеро изградил манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.
Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец.лв/са/
фото:МИА