Израелската армија употреби бомба од 230 килограми во нападот врз кафуле во Газа во понеделникот, а експертите велат дека употребата на таква муниција може да претставува воено злосторство, објави денеска „Гардијан“.

Експертите за меѓународно право изјавија дека употребата на неселективно оружје кое генерира масивен експлозивен бран и расфрла шрапнели на широка површина може да претставува воено злосторство поради присуството на голем број незаштитени цивили, вклучувајќи деца, жени и постари лица.

Фрагменти од оружје од урнатините на кафулето Ал-Бака, фотографирани од „Гардијан“, се идентификувани од експерти за оружје како делови од бомба за општа намена МК-82 од 230 килограми.

Големиот кратер оставен од експлозијата дава дополнителни докази за употребата на голема и моќна бомба како што е МК-82, изјавија двајца експерти за оружје.

Портпарол на Израелските одбранбени сили (ИДФ) изјави дека нападот врз кафулето се истражува и дека „пред нападот се преземени чекори за намалување на ризикот од штета на цивилите преку употреба на воздушен надзор“.

Медицински и други претставници изјавија дека меѓу 24 и 36 Палестинци биле убиени во нападот врз кафулето, а десетици биле повредени.

фото: ЕПА