Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска околу пладне била физички нападната додека извршувала службени обврски на територија на Општина Чаир, потврди Министерството за внатрешни работи за „Плусинфо“.

Инцидентот, како што соопшти МВР, го пријавило друго лице со иницијали А.Ј., а не самата Арсовска, која по нападот се упатила во ГОБ „8 Септември“ за да побара лекарска помош.

– На 11.07.2025 во 12:15 часот, во СВР Скопје од страна на А.Ј. е пријавено дека при извршување работни задачи на улицата Кумбара физички била нападната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и дека повеќе лица ѝ упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот, по што се упатила во ГОБ 8 Септември за укажување лекарска помош – велат од полицијата за Плусинфо.

Мотивите и сите околности на инцидентот засега не се познати. Информацијата доаѓа само неколку недели откако Арсовска јавно говореше дека добива закани, вклучително и најави за кривични пријави против градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Полицијата работи на расчистување на случајот, а јавноста сè уште очекува официјална реакција од Градот Скопје.