Кога ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, најдовме институции заглавени во мрежа од злоупотреби, клиентелизам и системска корупција. Корупцијата не беше појава – беше правило, а правдата беше селективна. Владата беше сервис на моќни интереси, а не на граѓаните. Тоа беше сликата која ја наследивме. И затоа, една од првите и најрешителни борби што ја започнавме беше токму борбата против високата корупција. Во таа борба, денес имаме и прва поголема потврда од меѓународната заедница. По години на институционален мрак, извештајот на ГРЕКО објавен вчера е сигнал дека Македонија се движи напред, кон систем што функционира.
Ова го нагласи премиерот Христијан Мицкоски на денешата седница на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.
Мицкоски потенцира дека ГРЕКО потврди оти Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост.
-Со затворањето на постапките за усогласување, Групата на држави против корупција на Советот на Европа испрати јасна порака: дека постојат видливи резултати, конкретни подобрувања и силна политичка волја за прекин со старите практики. Ова не е само административно признание – ова е институционална пресвртница, рече премиерот.
Според него, првпат по долго време, државата не е предмет на критика, туку на признание за сериозен напредок во борбата против корупцијата.
-Тоа ни дава поттик, но уште повеќе носи одговорност. Борбата против корупцијата не е декларација туку системска промена што сега добива и меѓународна потврда, нагласи премиерот на седницата.
Мицкоски, меѓудругото, истакна дека работата на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам има особено значење за стабилноста, безбедноста и отпорноста на државата.
-Денешната седница ја третираме не само како координациска, туку како суштинска точка во еден поширок напор: напор да создадеме систем што ќе ги препознава ризиците на време, ќе реагира ефикасно и ќе обезбеди долгорочна заштита на граѓаните. Насилниот екстремизам и тероризмот не се само закани по безбедноста- тие се индикатори на подлабоки слабости во системот. И затоа борбата со нив не може да биде изолирана, туку мора да се води паралелно со јакнење на институциите, на правната држава и на јавната доверба, рече тој.
Тој потсети дека екстремизмот, радикализацијата и насилството често цутат таму каде што државата е слаба, а институциите се корумпирани и затоа, додаде, нашата стратегија е јасна – градење на сигурна држава, со функционални институции, професионална полиција и отпорно општество.
-Овој Комитет не е симболичен, туку оперативен инструмент. И очекувам од сите учесници, безбедносни, општествени, образовни и локални да дејствуваат координирано, без одлагање и без калкулации. Продолжуваме со иста сериозност, без еуфорија, но со целосна трезвеност. Затоа што борбата за стабилна, сигурна и правична Македонија не се добива со зборови, туку со дела, заклучи премиерот во обраќањето на седницата.
Фото: Влада