Рускиот претседател Владимир Путин се плаши од Соединетите Американски Држави, а намалениот интензитет на бомбардирањето на Киев за време на посетите на американските претставници, вклучително и специјалниот претставник на САД Кит Келог, го потврдува ова, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Генералот Келог пристигна и немаше масовни бомбардирања две ноќи по ред. Тоа е интересен пример. Луѓето дури се шегуваат дека требало да му се даде украински пасош“, изјави Зеленски за американскиот Newsmax.

Зеленски нагласи дека Путин покажува претпазливост кога претставници на САД се во Украина.

„Тој заплашува, уценува, создава тензии, но не оди кон целосна ескалација. Ова значи едно – дека Путин се плаши од Америка. Тоа е она што му го кажував на американскиот претседател Доналд Трамп цело време. На еден или друг начин, Путин се плаши од Америка. Сигурен сум во тоа“, смета Зеленски.

Тој, исто така, зборуваше за различните пристапи на американските претседатели во врска со војната во Украина.

„Претседателот Трамп му дава шанса на Путин да ја заврши војната. Навистина се надевам дека ако Путин не го стори тоа, Трамп ќе воведе силни санкции што е невозможно да се заобиколат и ќе ни даде вистински штит за одбрана на Украина и Европа. Тоа ќе направи разлика“, рече тој, додавајќи дека претходниот американски претседател, Џозеф Бајден, не беше во можност да ја заврши војната.