Густ чад од шумските пожари и пожарите во тресетиштата на индонезискиот остров Суматра стигна до Малезија, на околу 500 километри растојание, соопштија властите.

Повеќе од 140 активни пожари се пријавени во провинцијата Риау, каде што најпогодени се областите Рокан Хилер и Рокан Хулу. Изгорени се над 46 хектари, а загадувањето предизвикало густа измаглица и намалена видливост до еден километар.

Иако не е регистриран задушувачки чад во главниот град на провинцијата Пеканбару, метеоролозите предупредуваат дека чадот се движи кон североисток и достигнал до малезискиот залив Кеманг, во државата Негери Сембилан.

Шумските пожари се честа појава на островите Суматра и Борнео, особено во сушниот период. Индонезиските власти често ја обвинуваат праксата на незаконско палење од страна на земјоделци и сопственици на плантажи како главна причина.

фото: Јутјуб принтскрин