Археолозите веруваат дека, во пештерата Тиншемет во средиштен Израел, ја пронашле најстарата гробница каде што се пронајдени добро сочувани скелетни остатоци од петмина кои живееле пред околу 100.000 години. Скелетите се откриени внимателно наредени, во склопчена положба.

Палеолитот, познат и како камено доба – поради појавата на камени алатки, траел од пред 3,3 милиони години до пред околу 10.000 години. Пештерата Тиншемет датира од средниот палеолит – приближно, меѓу 250.000 и 30.000 години пред денешнината. Но, предметите покрај нив се од особен интерес за археолозите, бидејќи некои артефакти потекнуваат од стотици километри оддалеченост и немаат позната практична употреба во секојдневниот живот. Стручњаците веруваат дека сѐ тоа било дел од обредите во чест на мртвите.

– Ова е всушност најраното сведоштво кога луѓето почнале да погребуваат други луѓе на овој начин, истакна Јоси Зејднер – професор по Археологија на Еврејскиот универзитет во Ерусалим. – Она што го гледаме овде е навистина сложен збир на однесувања, не само поврзани со храната и преживувањето, додаде тој.

Теренската работа почна во 2016 година, и обично се изведува во летните месеци.

Во тоа праисториско време, Израел бил мост меѓу неандерталците од Европа и хомосапиенс-луѓето од Африка. Археолозите идентификувале и подгрупи на раните луѓе во областа и веруваат дека групите се среќавале и можеби се вкрстувале. Отприлика, во тоа време, според истражувачите, првпат се наоѓаат и први примери на ран накит или сликање на тело, што би можеле да бидат начини за надворешно прикажување на својата родова или племенска припадност, повлекувајќи граници меѓу „нас“ и „нив“.

– Мешавината на подгрупи значи веројатност дека различните групи на праисториски луѓе споделувале знаење или создавале идентитети, рече Зејднер.

Наодите се добро сочувани, благодарение на пепелта од честите огнови, велат научниците – веројатно користени за обредни цели. Оваа голема количина пепел измешана со дожд и киселиот варовник во Израел, создава одлични услови за зачувување.

Фото: Фејсбук, јавна објава