Степенот на неухранетост во Појасот Газа достигна „алармантно“ ниво, предупреди денеска Светската здравствена организација (СЗО), обвинувајќи го „намерното блокирање“ на хуманитарната помош за бројните човечки жртви.

„Неухранетоста во Појасот Газа следи опасна траекторија, со врв на смртни случаи забележан во јули“, се наведува во соопштението на СЗО.

„Најголем дел од овие луѓе беа прогласени за мртви при пристигнување во здравствените установи или починаа набргу потоа. Нивните тела покажуваат очигледни знаци на тешка исцрпеност“, се додава во соопштението.

СЗО, заедно со други агенции на ОН, веќе подолго време алармира за катастрофалната хуманитарна состојба во Газа, предупредувајќи дека недостигот од храна, вода и лекови доведува до зголемен број жртви, особено меѓу децата и постарите.