Денеска започна со градба новата спортска сала во рамки на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, повеќенаменска инвестиција на Министерството за спорт.
– Поставувањето на камен-темелникот за новата спортска сала претставува и симболичен и суштински чекор кон подобрување на условите за физичка подготовка на питомците од Воената академија. Оваа сала не е само спортски објект туку и училиште каде што ќе се негуваат дисциплината, тимската работа – вредности кои се подеднакво важни и за спортот и за воената служба. Како Министерство за спорт, остануваме целосно посветени на создавање современи, функционални и достапни услови за спортување, потенцираше министерот Борко Ристовски.
Овој капитален објект е со вкупна вредност од 64.780.000 денари. Рокот за изградба е две години од денот на поставување на камен-темелникот, но министерот Ристовски изрази уверување дека салата ќе биде завршена и пуштена во употреба и пред предвидениот рок. Проектот се реализира во соработка со Министерството за одбрана и со поддршка од Владата.
Новата сала ќе биде со димензии 45×30 метри, со стандарден терен за ракомет, кошарка и одбојка, трибина со капацитет за 400 гледачи, соблекувални и дополнителен подтрибински простор.