Грчкиот премиер Алексис Ципрас, претседателот на парламентот Никос Вуцис, министрите и замениците во Владата, лидерите на дел од политичите партии, претставници на црквата меѓу кои и грчкиот архиепископ Јеронимос, претставници на военото раководство на земјата, дипломати, претпладнево ја посетија претседателската палата во Атина за да му ја честитаат новата година на шефот на државата, Прокопис Павлопулос, на приемот што традиционално се одржува секоја година на 1 јануари, јави дописничката на МИА од Атина.
Алексис Ципрас прв му ја честиташе Новата година на Павлопулос, а по него следеа спикерот на парламентот Вуцис, архиепископот Јеронимос и лидерите на политичите партии: Кирјакос Мицотакис од Нова демократија, Панос Каменос од Независни Грци, Димитрис Куцубас од Комунистичката партија на Грција, Танасис Теохаропулос од Демократска левица, Василис Левендис од Сојуз на централисти. Отсутни беа претседателите на Река и Движење на Промена, Ставрос Теодоракис и Фофи Генимата.
На приемот пристигнаа речиси сите членови на грчката Влада.
По приемот во претседателската палата, Павлопулос се упати кон просториите на претседателската гарда, каде традиционално сечеше пита со паричка, а паричката му се падна токму нему.