Утревечер, петок, 22-ри август со почеток во 20:00 часот во Централниот парк под отворено небо со проекцијата на македонскиот филм „До балчак“ на режисерот Столе Попов, кој своевремено беше и македонски кандидат за Оскар, официјално започнува Културното лето во Ѓорче Петров.
Филмот нè носи назад во 1907 година, во време на страст, борба и љубов – со приказна што го оживува духот на нашата историја на еден посебен начин.
Влезот за сите граѓани е слободен.
Следниот ден, сабота 23 август, во реонскиот парк со почеток од 19.00 часот граѓаните ќе можат најпрвин да проследат „Баскер перформанс шоу“.
Од 20.00 часот започнува музичкиот дел „На свирка во Ѓорче“, каде присутните ќе уживаат во вистинска рок забава со изведба на безвременските светки хитови на еден од најпознатите македонски клубски рок ен рол бендови – „Деј Оф“ (Day Off).
Со проекцијата стартува богатата програма на Културното лето во Ѓорче Петров која ќе се одвива во наредните 30-ина дена.
Така, во периодот што следи граѓаните можат да уживаа во разновидни културни, уметнички, забавни и естрадни ивенти. Мноштво поп-рок и фолк концерти на познати македонски естрадни уметници и групи, проекции на македонски играни и анимирани филмови, мултимедијални и интерактивни програми, базар, работилници, ликовна уметност и уметнички перформанси, настапи на фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва, фестивалски изведби на песни за деца и возрасни, фестивал на уличен театар и баскер перформанси… И уште многу други разновидни содржини за сите вкусови и сите генерации.
Централниот парк на општина Ѓорче Петров, но и уште неколку други локации во општината во следните триесетина дена ќе се прераснат во лулка на културата, уметноста и забавата за сите возрасти како за граѓаните на Ѓорче, така и за сите останати.
„Ве очекуваме на дружење под ѕвездите да ја споделиме магијата на филмот и заедно да го започнеме културното лето во Ѓорче Петров“ – порачуваат во својот повик од општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски!