Шефот на индиската дипломатија Субрахманјам Џајшанкар, кој е во тридневна посета на Москва, денеска беше примен во Кремљ од рускиот претседател Владимир Путин.

На средбата во Кремљ присуствуваа и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, првиот заменик-премиер на Русија и копретседател на руско-индиската меѓувладина комисија за трговска, економска, научна, техничка и културна соработка, Денис Мантуров, и вонредниот и ополномоштен амбасадор на Индија во Русија, Винаја Кумар.

Џајшанкар претходно се сретна со рускиот колега Лавров. Тој по средбата со Лавров изјави дека Индија и Русија одржуваат едни од најстабилните билатерални односи во светот по Втората светска војна.

Геополитичкото зближување, контактите меѓу лидерите и чувствата на народите остануваат главни двигатели, истакна Џајшанкар.

Тој, на заедничката прес-конференција со Лавров, одговарајќи на новинарско прашање наведе дека Индија не е најголем увозник на руска нафта.

Ние не сме најголемиот купувач на руска нафта. Тоа е Кина. Ние не сме најголемиот купувач на руски течен природен гас. Не сум сигурен, но мислам дека тоа е Европската Унија, посочи Џајшанкар, додавајќи оти САД ја поддржале Индија во набавката на сурова нафта од Русија, бидејќи тоа го стабилизирало меѓународниот пазар на енергија.

Неодамна, советникот за трговија во Белата куќа, Питер Наваро во статија во „Фајненшл тајмс“ ја обвини Индија за „профитирање“ бидејќи купува руска нафта со попуст и извезува рафинирани нафтени производи во Европа, Африка и Азија.

Односите помеѓу Њу Делхи и Вашингтон се влошија откако американскиот претседател Доналд Трамп двојно ги зголеми царините за индиските стоки на 50 проценти. Зголемувањето вклучува дополнителни 25 отсто казнена мерка за купувањето руска сурова нафта од страна на Индија.

Индија почна да увезува руска нафта со попуст откако западните земји го прекинаа увозот поради руската инвазија врз Украина. Во 2019-20 година Индија увезуваше само 1,7 проценти руска нафта, додека во периодот 2024-25 година уделот на руска нафта достигна 35,1 нафта. Русија во моментов е најголемиот снабдувач на нафта во Индија.

На 18 август Путин телефонски разговараше со индискиот премиер Нарендра Моди за билатералните односи, но и го информира за неговата средба на Алјаска со Трамп.