Рускиот претседател Владимир Путин ќе отпатува во Кина на четиридневна посета на крајот од неделата, објави денес руската државна телевизија „Росија 1“.
„Планирани се преговори од голем обем меѓу делегациите на Русија и Кина. Претседателот на Руската Федерација ќе учествува на самитот на ШОС во Тјенџин“, беше објавено во неделната програма посветена на рускиот претседател Владимир Путин на телевизијата „Росија 1“.
Во Кина, повеќе од 20 странски лидери и претставници на десет меѓународни организации ќе учествуваат на самитот на Шангајската организација за соработка, кој ќе се одржи во кинескиот град Тјенџин од 31 август до 1 септември.
На состанокот се поканети претседателите на Русија и Белорусија, премиерот на Индија, претседателите на Иран и Турција, како и лидерите на Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, Азербејџан, Ерменија и други земји.
Шангајската организација за соработка е основана во 2001 година. Нејзини членки се Кина, Русија, Индија, Пакистан, Иран, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан и Белорусија, а нејзината цел е зајакнување на безбедносната, економската и политичката соработка во евроазискиот простор.