Изјавите на премиерот Мицкоски и неговите повторни клевети зборуваат повеќе за неговата мака отколку за ДУИ. Наместо да даде отчет за слабите резултати на Владата во секоја област – од економијата до меѓународната изолација – тој се занимава со празни напади кон ДУИ, порачува Демократската унија за интеграција во соопштение до медиумите, што МИА го пренесува интегрално.

Наместо да измислува имагинарни непријатели, Мицкоски треба да објасни:
• зошто неговата влада го крши Уставот и законите,
• зошто ги дискриминира Албанците,
• зошто ја исклучи дијаспората од официјалните пресметки спротивно на уставните и законските норми,
• зошто ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции за партиски и моноетнички цели,
• и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година.

ДУИ не може да остане рамнодушна кога се крши Охридскиот мировен договор – документ од суштинско значење за стабилноста и прогресивната иднина на државата. Обидот на Мицкоски да создаде политички „кнежевства“ меѓу Албанците, преку распарчување на политичката сцена со мали контролирани партии, е пропаднат проект чија цел е слабеење на албанското политичко претставување. Ова не придонесува за кохезијата на општеството, ниту за политичка стабилност.

Мицкоски, претставувајќи се како патриот и бранител на македонската кауза, всушност му штети на сопствениот народ. Ударот врз Охридскиот договор не ја унапредува државата, туку ја осиромашува и ја загрозува нејзината европска перспектива.

Нас не нè интересира дали сме или не сме во власта – туку да ја придвижиме државата напред, да ја извадиме од ќорсокак. Со стари политики процесите не напредуваат, а со судири не се гради иднината.

Оваа влада не е влада на граѓаните, туку на „српскиот свет“, со јасна ориентација кон оската Белград–Москва. Секоја нејзина одлука го загрозува евроатлантскиот пат кој Албанците и Македонците го избраа со апсолутно мнозинство.

Што се однесува до обвиненијата за криминал и корупција, одговорот е едноставен: прифатете го предлогот на ДУИ за целосен ветинг. Не ги штитете олигарсите и не ја блокирајте чистката на политиката од криминал. Не ги бранете корумпираните политичари, без разлика кој се. Нека има истрага за потеклото на имотот на секој политичар и секоја политичка партија. Нека има истрага за процесот на приватизација. Нека има истрага за активностите на безбедносните служби и за сите функционери од 1945 година наваму – од ОЗНА, УДБА, СДБ, ДБК, УБК, АНБ. Ова е предлогот на ДУИ, прифатете го.

ДУИ е и ќе остане гаранција за стабилноста, достоинственото претставување и европската иднина на државата. Мицкоски треба да знае: клеветите не ги покриваат неуспесите, ниту погрешната насока на оваа влада. Одговорот на граѓаните ќе дојде во октомври – и тој ќе биде јасен.

Демократска унија за интеграција (ДУИ)

Фото: архива