Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Киев има цел да обезбеди најмалку една милијарда долари месечно од своите сојузници за набавка на американско оружје за одбрана од Русија.
На заедничка прес-конференција во Киев со норвешкиот премиер Јонас Гар Стере, Зеленски нагласи дека Норвешка може да придонесе кон безбедносните гаранции за Украина, особено во доменот на противвоздушната одбрана и поморската безбедност.
Тој најави дека ќе разговара со специјалниот пратеник на САД, Кит Келог, за подготовките за евентуална средба со рускиот претседател Владимир Путин. Зеленски додаде дека се очекува американски и украински претставници да се сретнат до крајот на неделата за овие теми, како и за потенцијални безбедносни гаранции.
Украинскиот лидер ја истакна и важноста од поддршката на Норвешка во обезбедување гас, бидејќи Русија со ракетни и дрон-напади ја таргетира енергетската инфраструктура на земјата, вклучително и постројки за природен гас и електрани.
– Русија се обидува да ја осуети нашата подготовка за зимата. Токму затоа ја цениме помошта на Норвешка во набавката на гас, изјави Зеленски, потсетувајќи дека минатата година благодарение на оваа соработка најмалку еден милион украински домаќинства имале греење.
Норвешка веќе издвојува околу седум милијарди круни (696 милиони долари) за финансирање системи за противвоздушна одбрана за Украина. Владата на премиерот Стере најави дека ќе предложи буџет од 85 милијарди круни (7,2 милијарди евра) за помош на Украина и во 2026 година, што ќе резултира со вкупна поддршка од над 23 милијарди евра за периодот 2023–2030 година.