Од силен, здрав и напреден човек, како што себеси се опишува анестезиологот д-р Роберт Саливан кога ја примил првата мРНА вакцина против Ковид, за само три недели по втората доза, нему му се влошува здравствената состојба. Дијагностицирана му е пулмонална хипертензија.
„Пулмоналната хипертензија обично е прогресивна и смртоносна, дури и со третман. Нема лек за неа. Се чувствува како смртна пресуда“, вели д-р Саливан во своето сведочење за мРНА вакцините против Ковид во Сенатот на САД пред Комисијата на сенаторот Рон Џонсон, одржано кон крајот на минатиот месец.
– Истиот месец кога ја примив мојата прва мРНА вакцина против КОВИД, бев претставен во рубрика на „Волстрит журнал“. Бев силен, здрав и напреден човек. Само три недели по втората доза од вакцината, не можев да се качам по скали без да се задишам. Се чувствував како да ме изневерува телото, дури и при едноставни работи – одење, стоење, па дури и зборување. Имав постојан притисок во градите, аритмии и огромен замор, сведочи д-р Саливан.
Тој се чувствувал како телото да го изневерува. Доживувал десна срцева слабост.
– Сепак, се прашував себеси – дали ова беше реално или само замислував во мојата глава? Потоа ехокардиограмот ја потврди штетата по моето здравје. Од една страна ми олесна што ова не се случува во мојата глава, од друга страна бев шокиран кога сфатив: веројатно вака умирам!, вели докторот.
Дијагнозата била пулмонална хипертензија. Имал оштетување и стеснување на крвните садови во белите дробови што го ограничува протокот на крв и го оптоварува срцето.
– Ова не е како редовниот висок крвен притисок. Пулмоналната хипертензија обично е прогресивна и смртоносна, дури и со третман. Нема лек за неа. Се чувствував како смртна пресуда. Го пријавив мојот случај во VAERS – Системот за пријавување на несакани ефекти од вакцини на САД. Повеќето лекари што ги познавам никогаш не слушнале за него. Никогаш не нè учеа за VAERS на Медицинскиот факултет. Ми кажаа дека сè уште не се учи за него, посочува д-р Саливан.
На крајот, VAERS ги собрал стите негови медицински картони. Очекувал да биде слушнат од ФДА (Американската агенција за лекови, н.з.) или ЦДЦ (Центар за болести на САД, н.з.), бидејќи никогаш не верувал на нешто друго, освен на системот.
– Така беше и сега. Верував дека ќе бидам слушнат. Кога не бев сослушан, всушност сфатив застрашувачка работа: ако сте разболени од несакани ефекти на лековите, останувате сами. Морав да се адаптирам. Можеби некои од новите третмани што ги пробав помогнаа. Однадвор, изгледам добро. Се вратив на трчањето, дури и на моите воздушни вежби. Тоа ми носи радост – но и вознемиреност. Изгубив половина од капацитетот на белите дробови. Ако можам да изгледам толку нормално додека носам толку многу штета од вакцината – колку други се таму, кои тивко страдаат?, прашува докторот.
Истражувајќи ја својата состојба, го пронашол научникот од Џорџтаун кој го предвидел неговиот специфичен проблем.
– Истиот месец од воведувањето на вакцината, тој предупреди дека изложеноста на спајк протеинот, без разлика дали е од вирусот или вакцината, може да ги оштети крвните садови во белите дробови и плацентата. Самиот спајк протеин од вирусот SARS-1, исто така, предизвикал васкуларно оштетување кај животните. Дознав дека многу хоспитализирани пациенти со Ковид развиле пулмонална хипертензија. Обдукциите покажаа ист вид оштетување на белодробните крвни садови што го имав и јас. Пациентите со долготраен КОВИД-1 со постојано отежнато дишење имаат исти наоди. Како и во мојот случај, нивните симптоми се подобруваат, но штетата останува, нагласува анестезиологот.
Сега, вели докторот, знаеме дека шилестиот спајк протеин од САРС-КоВ 2 може да ги оштети белите дробови, срцето и мозокот кај животните.
– Тој е токсичен. Неспорно е така. Знам дека е непријатно да се чуе тоа. Една студија покажа дека спортистите кои примиле бустер доза од мНРА вакцините забележале пад на аеробниот капацитет – еквивалентно на стареење од пет до десет години – за само една недела. Зошто е ова така?, прашува д-р Саливан во своето сведочење.
Тој посочува дека гледам колеги и пациенти кои се борат со секојдневните задачи. Многумина се ограничени од необјаснето отежнато дишење.
– Дали ова може да биде спектар на васкуларно оштетување како она што ми се случи мене? Ова се итни прашања. Ова не е нормално стареење. Додека не го проучиме ова систематски, нема да знаеме колкумина се повредени – од Ковид или од самиот спајк протеин, забележува тој.
Д-р Саливан потенцира дека американскиот медицински систем мора да ја почитува основната заклетва: „Не нанесувај штета“.
– Кога ќе се случи штета, правилно е да се препознае, да се признае страдањето и да се работи на нејзино ублажување – додека напредуваат истражувањата за побезбедни терапии. Владата мора да служи како заштитна мерка, враќајќи ја одговорноста, транспарентноста и јавната доверба. И пред сè, секоја медицинска одлука мора да се темели на вистински информирана согласност. Пациентите заслужуваат и бараат јасни, искрени информации. Слободата да одлучат што е правилно за нив е право. Задолжителната медицина не е медицина. Признанието е важно. Да се биде виден, слушнат и да се верува во нив – тоа е првиот и можеби најважниот чекор во лекувањето, подвлекува докторот.
Во своето сведочење, тој им се обрати на другите кои биле повредени.
– Ве гледам. Иако нашите повреди се разликуваат, го разбирам страдањето и изолацијата што доаѓа кога системот наменет да ве заштити, наместо тоа, ве напушта. Ви верувам, сенаторе Џонсон и членови на комитетот, ви благодариме што ни ја дадовте оваа можност да почнеме да се лекуваме, завршува д-р Саливан.
МИА