Републиканци во Претставничкиот дом на САД гласаа за формирање нов специјален комитет што ќе го разгледува нападот врз Конгресот на 6 јануари 2021 година, јавија медиумите.

Според „Вашингтон пост“, републиканските конгресмени сметаат дека претходниот комитет бил пристрасен против тогашниот претседател Доналд Трамп. Тој комитет го обвини Трамп за повеќе прекршоци и препорача Министерството за правда да покрене обвиненија, иако тие препораки не се обврзувачки.

На 6 јануари 2021 година, приврзаници на Трамп упаднаа во Капитол додека Конгресот ја потврдуваше изборната победа на Џо Бајден. Трамп тврдеше без докази дека изборите се украдени и ги повика своите поддржувачи да протестираат.

Во својата кампања за изборите во 2024 година, кои подоцна ги доби, Трамп повеќепати ги омаловажуваше настаните, нарекувајќи ги „ден на љубов“.

Според „Политико“, новиот комитет е обид на Републиканците „одново да ја пишуваат историјата“ за нападот.

Нередите резултираа со повеќе жртви, меѓу кои и демонстрант застрелан од полицијата и полициски службеник кој почина следниот ден, наводно од мозочен удар, иако врската со настаните не е исклучена.

Една од првите одлуки на Трамп по повторното стапување на функцијата во јануари беше да ги помилува сите осудени за учество во нападот – меѓу нив и насилни демонстранти кои напаѓаа полицајци, како и екстремисти од крајната десница што помогнаа во организацијата.