Работиме активно на прошируваме на коловозот, а со тоа и на зголемување на безбедноста од населеното место Долно Татеши до Мислодежда, дел од патниот правец Р2234 во струшкиот регион. Овој патен правец е важна транспортна артерија за локалното население и е клучен за економскиот развој, снабдувањето и туризмот во регионот, објави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.
„Имено, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се подобри квалитетот на патната инфраструктура за жителите на општина Струга и околните населени места, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во рамките на програмата за одржување и заштита на државните патишта издвојува 20 милиони денари за санација на регионалниот пат Р2243.
Средствата се наменети за санација на делницата што се протега од селото Долно Татеши до Мислодежда, во должина од 3.500 метри. Проектот опфаќа градежни активности кои ќе овозможат зголемување на безбедноста и комфорот при сообраќајот, потенцира во објавата.
Трајановски додаде дека изведбата, за која е задолжено ЈП „Македонијапат“, предвидува проширување на коловозот од сегашните 3,8 метри на 5 метри, што ќе овозможи полесно и побезбедно движење на возилата. Работите вклучуваат ископ на 3.000 кубни метри земјан материјал, поставување на 900 кубни метри тампон за стабилизација на подлогата и вградување на 1.200 тони асфалт.
Реализацијата на овој проект се очекува да донесе значајни придобивки за локалната заедница. Подобрената патна инфраструктура ќе ја олесни комуникацијата со останатите региони, ќе овозможи побрз пристап до услуги и пазари, ќе поттикне развој на туризмот и ќе придонесе за подобрување на стандардот на живот на жителите, нотира Коце Трајановски во објавата на фејсбук.