Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека зголемените параметри во економијата ги загрижуваат и се причина за делувањата од изминатите денови на центри на моќ кои не сакаат Владата да успее, а Македонија да биде стабилна, мирна и просперитетна.
Во одговор на новинарско прашање при посетата на општина Јегуновце, Мицкоски посочи дека зголемениот промет на услуги, што го регистрираше Државниот завод за статистика, е уште еден во низата параметри кои велат дека конечно почнуваме да се развиваме и оти, наведе, „тоа е причината сите центри на моќ на кои не им одговара Македонија повторно да биде водечка и во економијата и во мирот и во стабилноста и во меѓуетничките односи во регионот да го предизвикуваат тоа што го прават во изминативе денови“.
– Во второто тримесечие односно во изминатиот квартал имаме пораст во делот на услугите за 3,5 проценти, но она што за мене е исклучително важно и охрабрувачки е што во првите седум месеци, од јануари до јули, во делот на туризмот имаме за 10,5 проценти повеќе туристи споредено со истиот период минатата година и очекувам таа бројка до крајот на годината да биде и до 15 проценти, што ќе биде најголем раст во регионот убедливо. Истовремено бројот на странски гости, туристи што ја користат Македонија како место за одмор е зголемен за 15 проценти споредено со истиот период минатата година и очекувам таа бројка да биде 25 проценти до крајот на годината, рече Мицкоски.
Сите овие индикатори, дополни премиерот, ги загрижуваат овие центри на моќ кои не сакаат оваа Влада да успее, коишто не сакаат Македонија да биде стабилна, мирна, просперитетна. – И тие се обидуваат со ваков тип на лешинарење и подметнувања да функциониараат, но, ќе повторам, ние ќе се бориме и ќе ги победиме, изјави Мицкоски.