Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека му ветила на американскиот претседател Доналд Трамп дека ЕУ ќе престане побрзо да купува руска нафта и гас, објави ДПА.

Фон дер Лајен напиша на „Х“ дека вчера разговарала со Трамп по телефон. Таа вети дека Европската комисија наскоро ќе го претстави 19-тиот пакет санкции против Русија по нејзината инвазија на Украина пред повеќе од три и пол години. Тој ќе биде насочен конкретно кон криптовалутите, банките и енергетскиот сектор, прецизираше претседателката на Европската комисија.

Завчера, Трамп прво побара ЕУ да престане да купува руска нафта пред САД да воведат санкции против Русија.

-Воената економија на Русија, поддржана од приходите од фосилни горива, го финансира крвопролевањето во Украина, објави Фон дер Лајен во својата публикација. Таа објави дека „за да се стави крај на ова, Европската комисија ќе предложи забрзување на постепеното укинување на увозот на руски фосилни горива“.

ЕУ веќе го забрани увозот на најголем дел од руската нафта, намалувајќи го нивниот удел од 29 отсто на почетокот на 2021 година на два посто до средината на оваа година. Европската унија, исто така, планира целосно да престане да купува нафта и гас од Русија до крајот на 2027 година. Фон дер Лајен вчера изјави дека Брисел сака да ја постигне оваа цел уште порано.

фото: архива