Колумбискиот претседател Густаво Петро ги оцени воздушните напади на САД врз бродови за наводна трговија со дрога во Карипското Море како „чин на тиранија“ и побара покренување кривични постапки против американски официјални лица доколку се потврди дека во тие акции загинале колумбиски државјани.
Во интервју за Би-Би-Си, Петро изјави дека при запирање на глисерите за кои се смета дека се вклучени во шверц на дрога „не смее да има жртви“. – Зошто да се испали ракета ако може да се запре бродот и да се уапси екипажот? Тоа би се нарекло убиство, рече тој.
Според администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, нападите биле насочени главно кон бродови поврзани со Венецуела. Трамп изјави дека операциите, во кои од почетокот на месецот наводно се убиени 17 лица, се неопходни за запирање на протокот на фентанил и други незаконски наркотици кон САД.
Демократски конгресмени и правни експерти ја оспорија законитоста на акциите, додека експерти на ОН ги оценија нападите како вонсудски погубувања.
Белата куќа, пак, на изјавите на Петро одговори дека претседателот Трамп е „подготвен да го искористи секој елемент од американската моќ за да го сопре продорот на дрогата во земјата и одговорните да ги изведе пред лицето на правдата“.
Во Њујорк, каде што присуствува на годишното заседание на Обединетите нации, Петро ја обвини администрацијата на Трамп за „понижување на неговиот народ“ и порача дека јужноамериканските држави „нема да му се поклонат на кралот“. Тој оцени дека надворешната политика на Трамп ја изолира САД, а не Колумбија.
фото: архива