Кандидатката за градоначалник на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, преку својата официјална страница на Фејсбук објави дека во Културниот дом „Билјана Беличанец“ одиграла симболична партија шах со Зоран Костадиновски, секретар на Националниот сојуз на слепи лица на Република Македонија, и со Георгија Миноски, претседател на Шаховскиот сојуз на град Скопје.

Како што истакна, покрај спортскиот дух и шаховската стратегија, акцентот на средбата бил ставен на едно од најважните прашања за граѓаните – пристапноста по улиците и секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со оштетен вид.

„Воочивме конкретни недостатоци, но истовремено препознавме и добри практики врз кои можеме да градиме понатамошни подобрувања. Остануваме посветени на целта – Кисела Вода да продолжи со работа за сите граѓани“, порача Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека шахот нè учи да размислуваме неколку чекори однапред и најави дека токму таков пристап ќе има и општината кога станува збор за пристапноста и инклузивноста.