Судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти се одложува за 8 октомври, откако одбраната на првообвинетиот Васев побара државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да го преземе предметот или делегира на друго обвинителство.
– Со оглед предлогот упатен до државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски со кој се бара преземање на кривично гонење, по кој поднесок е потребно да одлучи јавниот обвинител на РСМ, судот констатира дека не се исполнети законските услови за водење на постапката од кои причини глабната расправа се одложува за 8 октомври, изјави судијката Снежана Марковска.
Пред почетокот на рочиштето бранителот на Васев, адвокатот Спиро Ристовски достави до Судот барање за делегирање на надлежност од ОЈО Скопје на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и тој целосно да ја преземе постапката или да го делегира на друго јавно обвинителство.
Јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска, побара одложување на денешното рочиште, за како што рече, не може да се произнесе по ова барање и мора да го достави до таму каде што тоа е упатено.
Бранителите на првообвинетиот Нино Васев, адвоктите Мартин Митровски и Никола Ставрев пред почетокот на денешното рочиште го известиле Судот дека го повлекуваат полномошното, а нови бранители на Васев се адвокатите Дељо Кадиев и Спиро Ристовски.
Денешното рочиште требаше да продолжи со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството, кои дел беа повикани денеска во Основниот кривичен суд Скопје.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката започна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина пред судот, по што судот ја осуди на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.
Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.