Македонските средношколци – информатичари на 32-та Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2025), која од 25-ти септември до 1-ви октомври се одржува во Удине, Италија, освоија еден златен, два бронзени медали и една олимписка пофалба, соопшти Здружението на информатичарите на Македонија.

Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање, го сочинуваа учениците Дамјан Давков од Штип, Леонид Цуклев од Гевгелија, Виктор Максимоски од Гостивар и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Благојче Павлески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Заедно со овие три, македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година досега освоија вкупно два златни, два сребрени, четири бронзени медали и четири олимписки пофалници – резултат достоен за респект, недостигнат и од многу поголеми држави од Македонија, велат од македонскиот тим.

Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е врвниот натпревар во програмирање за средношколци од земји кои се наоѓаат на или околу Балканскиот полуостров. Секоја земја – членка на БОИ заедницата учествува со тим составен од 4 натпреварувачи, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

Главен организатор на годинашната БОИ е Националната асоцијација за натпреварувачко програмирање на Италија, со поддршка на Италијанската асоцијација за информатика и автоматско пресметување. На БОИ годинава учествуваат вкупно 48 најдобри средношколци во областа на компјутерските науки од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Дополнително, како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и 18 ученици од Швајцарија, Украина, Саудиска Арабија и Киргистан. Во ваква силна конкуренција, златниот медал за Македонија го освои Дамјан Давков, а бронзените медали ги освоија Владимир Грчев и Леонид Цуклев. Четвртиот наш натпреварувач Виктор Максимоски исто така освои признание, олимписка пофалба.

Македонскиот тим за БОИ 2025 беше избран преку целогодишен циклус натпревари, што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 36-ти пат. И оваа година, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како и неколку општествено одговорни компании.

– Секогаш сум среќен кога целогодишниот труд на нашите натпреварувачи вродува со плод. Дамјан и Леонид се ученици од Математичко информатичката гимназија во Скопје, кои штотуку запишаа четврта година, а Владимир како ученик кој само што заврши основно образование успеа да се пласира во овој повисок натпреварувачки ранг. Дамјан со неговиот медал и резултат застана пред 64 други учесници од олимпијадата, а Владимир го делеа само 5 поени (од можни 600) од освојување на сребрен медал. Целогодишниот труд и на членовите од Здружението, професорите и студентите од ФИНКИ, во организацијата на натпреварите и на подготовките на најдобрите ученици е исто така валоризиран со овие резултати. Искажувам благодарност за здружението Бистри умови и општина Кочани за поддршката во организирањето на подготовките, како и на компанијата Сорсикс која и сега го поддржа нашето патување во Италија, вели претседателот на ЗИМ, проф. д-р Миле Јованов.

Следната, 33-та Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026), ќе се одржи идната година во Црна Гора. Последен настан, пак, кој претстои до крајот на оваа година за македонските ученици – информатичари, е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која ќе се одржи од 24-ти до 30-ти октомври во Ларнака, Кипар.

Фото: ЗИМ