Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе има најмодерен паркинг во Македонија. Освен цела инфраструктура базирана на „смарт паркинг“, ќе располага и со монтажна катна гаража, рече вечерва министерот за здравство Азир Алиу.

Во гостување на „Само интервју“, Алиу информира и дека со спојувањето на клиниките во рамки на Клиничкиот центар ќе се оди чекор по чекор. Најпрво, по изборите, ќе се спојат Кардиологија и Кардиохиругија, а потоа и останатите меѓусебно сродни и природно поврзани клиники.

Според него, малку операции има на Кардиохирургија поради гапот на барања и недостиг на кадар. Затоа, рече, прв пат е потпишан Меморандум за соработка со приватните болници.

Министерот најави и промена на позитивната листа два пати годишно со цел нејзино ревидирање, отстранување на дел од застарените лекови и додавање нови.

-Административниот процес за паркингот заврши и најверојатно за кратко ќе почне да се работи. Министерството за здравство ќе потроши нула денари, зашто ќе се инвестира од ЈП Паркинзи – Скопје. Ценам, а и така ни е дефинирано, за три месеци да биде завршен паркингот, напомена Алиу.

Тој се осврна и на Мој термин. Нагласи дека е оптимизиран со што се намалени листите на чекање.

-Сега веќе знаеме во реално време кои доктори колку време се во амбуланта, а колку се на операција. Инаку, нема термини, да, се согласувам, но тоа е поради човечкиот фактор – мора да има доктори за да има повеќе термини, подвлече министерот.

Негова оценка е дека дигитализацијата ќе ги реши клучните проблеми. Алиу најави и 10-годишна стратегија за здравството во соработка со Министерството за обраозвание. Така, рече, ќе се знае колку места ќе се отворат во кој град за кои профили во средното стручно образование, ќе се знае бројот на слободни места на факултет за лекари, па оттука и за пет години ќе се знае колку доктори ќе има во државата или за четири години колку медицински сестри.

-Кога се зборува за дигитализација на медицината во светот, ние се уште се занимаваме со базични проблеми. Дигитализацијата е една од клучните активности и веќе креирав посебен сектор што се занимава со тоа. Исто така, правиме напори да има резултати од скринингот за максимум една недела, а не по шест месеци како досега. Во преговори сме со Италија, Словенија, Австрија за обуки на наши лекари и медицински сестри, како и за соработка, истакна Алиу.

Во здравството, укажа, мора за минимум 10 години да се креира стратегија.

-Откако дојдов на функцијата прво ги дефиниравме проблемите. Веќе се јасни – тоа се инфраструктурата, недостигот на кадар,… Кога веќе знаеме со што се соочуваме, природно е да креираме политки за решавање на проблемите и веќе имаме резултати. Првите резултати се тоа што веќе се менуваат 12 закони, во понеделник ќе има дебата за нив. Вториот момент е моделот на финансирање. Ние решаваме и дневни проблеми со што се губи фокусот на долгорочните политики, рече министерот.

Според него, изненадува тоа што дел од лекарите кои работат надвор, сакат да се вратат во земјава.

-Повеќето не одат поради платата, туку поради инфраструктурата. Надвор работат со многу подобри, нови апарати од 2024 година, на пример, отколку тука со апарати од 1984 или 1985 година. Се изненадив, дали знаете дека од 1974 година имаме алатки со кои работат нашите доктори. Па колку и да си стручен, околината не ти дава да бидеш во тек. Ова е првиот момент, а вториот е кариерниот развој што кај нас е дефиниран само на хартија. Но, овие две работи ќе ги отстраниме, порача Алиу.