Унгарскиот премиер Виктор Орбан го повтори својот став дека Унгарците не сакаат да бидат во ист сојуз со Украинците за да не ја делат нивната судбина – а судбината на Украинците, според него, е да бидат покрај Русија, рече тој во интервју за унгарското радио Кошут.

„Унгарците не сакаат да бидат во истата Европска унија со Украинците. Доколку сте со некого во федерален систем, ја делите неговата судбина, а Украина е земја со многу тешка судбина. Зошто да ја делиме таа тешка судбина?. Не сакаме да ја делиме нашата судбина со нив“, рече Орбан.

Како што пишува Украинска правда, тој нагласи дека Унгарците имаат своја судбина, која е многу полесна од украинската.

„Ние чувствуваме жал за нив, сочувствуваме со нив, тие се борат храбро, мора да ги поддржиме, но не сакаме да ја делиме нивната судбина“, истакна тој.

Според унгарскиот премиер, судбината на Украинците е таква што тие живеат покрај Русија и постојано се во војна со Русите.

Орбан рече дека сака да ја ослободи Унгарија од потребата да биде во федерален систем со Украинците и да се бори со Русите.

„Ако сте во федерален систем со некого и ве нападнат, порано или подоцна ќе мора да испратите војници, а ние не сакаме да умреме за Украина“, рече тој.

Да потсетиме дека Унгарија не ја поддржува идејата за давање „кредити за репарација“ на Украина врз основа на замрзнати руски средства.