Карпош ќе добие мега парк кај Лепенец и уште многу други проекти, најави кандидатот за градоначалници на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

🏞️ Денес сме на просторот покрај реката Лепенец, место кое со години беше запоставено, а сега ќе стане симбол на еколошка обнова и современо градско живеење.
Со проектот за изградба на Мега парк – Лепенец, ќе го претвориме ова подрачје во современ зелен простор уреден по европски стандарди.

Паркот ќе се простира по течението на реката Лепенец, на потегот меѓу Бардовци и Даме Груев, и ќе опфаќа површина од над 300.000 квадратни метри.

Тој ќе биде првиот мегапарк што ги поврзува повеќе скопски општини и ќе биде наменет за сите граѓани на Скопје. Ќе создадеме нова урбана оаза за рекреација, спорт и семејни активности, со што ќе му го вратиме животот на заборавеното градско ткиво.

Паралелно со тоа, предвидуваме воспоставување зелени коридори по целата должина на реката Лепенец, со пешачки и велосипедски патеки кои ќе ги поврзуваат населбите, парковите и јавните институции. Овој проект ќе го интегрира Лепенец во животот на градот и ќе го претвори во симбол на урбана поврзаност, чиста животна средина и граѓанска гордост.

Нашата визија за зелено Скопје не застанува тука. Ќе ја зазелениме секоја скопска општина преку низа капитални парковски проекти:

Мега парк Вардариште, што ќе ја претвори поранешната депонија во европски пример за зелена рекултивација, Градска шума „Расадник“ во Кисела Вода – најголемиот зелен проект во урбано подрачје, мега парк долж булевар „Христијан Тодоровски Карпош“, првиот зелен коридор од ваков обем во Бутел, како и проектот „Скопски зелен архипелаг“, кој предвидува 50 нови маалски паркови низ сите делови на градот.

Дополнително, ќе извршиме целосна обнова на Градскиот парк во Скопје и Паркот на природата Гази Баба, со што двата најголеми еколошки симболи на градот ќе добијат нов живот и современ изглед.

Кога зборуваме за Карпош, мора да ја споменеме и патната инфраструктура, која е темелот на еден функционален град.

🚧 Во овој дел, еден од најважните проекти е доизградбата на булевар „Љубљанска“. Со комплетирањето на делот од завршениот мост до улицата „Скупи“, ќе се воспостави клучна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје.
Ова ќе овозможи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, ќе се растовари метежот на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, и ќе се овозможи побрз и побезбеден проток кон обиколницата.

📎 Со пробивањето и поврзувањето на улицата Љубљанска со влезот во Бардовци, ќе се отвори нова сообраќајна оска, но и ќе се предвиди современо техничко решение за влезот во селото – со кружен тек или адаптивна семафоризација.

🚘 Целта е да се спречи метежот, да се заштити културното наследство кај локалитетот Скупи и да се обезбеди безбеден проток на возила и пешаци.

Кога сме тука во Карпош, мора да ја истакнам и клучката „Момин поток“, чие завршување е повеќе од потребно.

Со забрзаната доизградба на овој инфраструктурен јазол, конечно ќе се деблокира едно од најоптоварените сообраќајни крстосници во градот и ќе се овозможи полесно поврзување на северозападниот дел на Скопје со централните и индустриските зони.

Исто така, приоритет ќе биде и реконструкцијата на улицата „Загребска“, која е од витално значење за функционирањето на Детската болница „Козле“. Оваа улица не е само пристап за жителите, туку и за возилата на итната медицинска помош, што ја прави нејзината санација прашање од јавен интерес и безбедност.

✔️ Со овие проекти и во оваа и во сите останати општини, градиме град по мерка на човекот. Град во кој зеленилото, мобилноста и квалитетот на живот одат рака под рака.

Фејсбук статус на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски