На втората годишнина од масакрот на 7 октомври извршен од исламистички терористи во Израел, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика страните да ја прекинат војната во Газа, хави ДПА.
„Ставете крај на непријателствата во Газа, Израел и регионот веднаш“, рече Гутереш во денешното соопштение.
Тој рече дека најновиот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп нуди можност за ставање крај на конфликтот.
„По две години траума, мора да избереме надеж. Сега“, додаде тој.
Медијаторите од вчера се на средби со претставниците на исламистичкото движење Хамас и Израел во египетскиот град Шарм ел-Шеик за да разговараат за мировниот план на Трамп, потсетува ДПА.
На 7 октомври 2023 година, терористите од палестинската милитантна организација Хамас, заедно со други исламистички милитанти, го извршија најсмртоносниот масакр во историјата на Израел, кога беа убиени околу 1.200 лица, а повеќе од 250 беа киднапирани и однесени во Појасот Газа.
Гутереш повторно ги повика исламистичките милитанти „безусловно и веднаш“ да ги ослободат заложниците што сè уште се држат во Газа.
„Да се стави крај на страдањето за сите. Ова е хуманитарна катастрофа од размер што е неразбирлив“, рече тој, пренесен од германската агенција.