Неодговорното однесување на Русија ги загрозува граѓаните на ЕУ, регионалната стабилност и меѓународниот мир и тоа нема да запре само од себе, па затоа европскиот одговор мора да биде јасен, заеднички и решителен, порача претпладнево данската министерка за европски прашања Мари Бјере на дебатата во Европскиот парламент посветена на одговорот на Унијата на неодамнешните руски нарушувања на воздушниот простор и загрозувањето на критичната инфраструктура на земјите членки на блокот.

– Неодамнешните нарушувања на воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија, како и хибридните активности, се неприфатливи. Тие покажуваат дека е итно потребна одбранбена подготвеност на Европа. Мора да испратиме јасна порака до Русија дека Европа е обединета, дека ја браниме нашата безбедност и продолжуваме со нашата поддршка на Украина, истакна Бјере.

Таа порача дека за справување со овие предизвици потребен е вистински сеевропски начин на размислување, затоа што заканите не се ограничени само источното крило на ЕУ.

Бјере потсети дека на неодамнешниот неформален Самит на ЕУ во Копенхаген, европските лидери се обврзаа на зајакнување на приоритетни области во одбраната, вклучително и противвоздушната и противракетната одбрана, артилериските капацитети, системите за заштита од дронови и засилување на воената мобилност и кибер отпорноста.

Во тој контекст, според неа, се и иницијативите на ЕУ „Ѕид од дронови“ и „Чувар на источното крило“, кои, како што нагласи, ќе бидат целосно комплементарни со проектот „Источна стража“ на НАТО, бидејќи соработката меѓу Унијата и Алијансата е од суштинско значење за пополнување на празнините во капацитетите и за подигање на европската одбрана на повисоко ниво.

– Инцидентите со дронови ширум Европа не потсетуваат дека се соочуваме со закани и по нашата критична инфраструктура. Таквите активности ја тестираат нашата отпорност и единство. Меѓу ЕУ и НАТО мора опстои цврстата и блиска координација, како во нашиот оперативен одговор, така и во нашата стратешка комуникација. Кохерентниот, јасен и заеднички пристап е одговорот што ќе ги увери нашите граѓани дека нивната безбедност е загарантирана, додаде Бјере.

Таа истакна дека Русија е најголемата и најдиректна закана за Европа, не само поради нејзината агресија врз Украина, туку и поради систематски хибридните активности кои продолжуваат да се зголемуваат и за кои е потребен соодветен одговор.

– Ќе продолжиме да ги користиме сите расположливи инструменти за спречување и одговор на руските хибридни активности. Подготвеноста на ЕУ е подобрена и таа станува поотпорна, но не смееме да го запреме тука, потенцира Бјере во обраќањето пред европратениците. сп/јт/ 

Фото: Европски парламент