Потпретседателот на Владата, Александар Николоски ја предводеше владината делегација заедно со министерот за локална самоуправа Златко Пирински и заменик министерката за животна средина Ане Лашкоска, кои положија свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов Ченто, споменикот на Кузман Јосифовски Питу, споменикот Жена борец и пред Могилата на непобедените во Прилеп.

Во својата порака по повод празникот 11 Октомври, Денот на востанието, тој изјави:

„Да се биде денеска во Прилеп, на одбележувањето на почетокот на антифашистичкото востание, е настан кој што целосно ја промени Македонија и регионот. Почетокот на Народноослободителната борба, со којашто конечно македонскиот народ, на еден дел од територијата на Македонија успеа да добие своја држава, тогаш во рамките на Федеративна Југославија, а од 1991 година и самостојна држава, што беше сон и копнеж на многу генерации.

Овој ден треба и да не’ потсети зошто го славиме. Не смееме да заборавиме зошто беше кренато востанието, против кого беше кренато и против чија идеологија беше кренато востанието. Јасно е дека Македонија беше под окупација, а не под администрација, јасно е дека имаше силна Народноослободителна борба, а не идеолошка борба помеѓу левичари и десничари и помеѓу комунисти и ројалисти, туку јасна национална борба на македонскиот народ за народноослободување. Не случајно партизанските одреди ги носеа имињата на илинденците и на врвните дејци на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, така што 11. Октомври е континуитет на 2. Август, ако го немаше 2. Август, немаше да го има ниту 11. Октомври, а ако го немаше 11.Октомври, немаше да го има 8. Септември 1991 година.

Мора многу, многу јасно овие работи да ги кажуваме, македонскиот народ има свој историско-политички континуитет и јасна културолошка и јазична посебност, која што сега е негирана, особено од нашиот источен сосед, нешто на кое треба остро да се спротивставиме и да држиме до она што се основни принципи на македонската државност. Го честитам празникот, посакувам на сите жители и граѓани во Македонија убав празник и да не заборават зошто го славиме и како треба да го славиме” – изјави Николоски.