Нашиот тим за развој на мрежата на рути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и Блискиот Исток. Од постојните пазари во наредниот период, ќе се фокусираме на поголема поврзаност со Шпанија и Обединетото Кралство, вели во интервју за МИА Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Курт најавува дека двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона која започнува од крајот на октомври и ќе трае до крајот на март.
-Зимскиот распоред на летови за 2025/26 година за Меѓународниот Аеродром Скопјe вклучува редовни и чартер летови, односно 49 редовни дестинации кои ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании и 13 чартер дестинации кои ќе ги опслужува една авиокомпанија, информира генералниот директор на ТАВ Македонија.
Тој најавува дека кон крајот на овој месец, ТАВ Македонија и државава ќе бидат претставени на две роудшоуа во Скандинавија, во Копенхаген и Стокхолм, како и во Азија, односно во Тајпеј, Сеул и Токио. И двата настана се организирани во соработка со NAITM – Националното здружение за дојдовен туризам во Македонија , а презентациите ќе бидат направени пред туроператори во секој од овие градови.
Што ќе донесе зимскиот ред на летање за македонските патници од аспект на нови авиопревозници и дестинации?
-Зимскиот распоред на летови, кој стапува во сила на 26-ти октомври 2025 година, нуди нови можности за патниците, со богат распоред на летови. Двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона која започнува од крајот на октомври и ќе трае до крајот на март, што дополнително ќе отвори нови врати кон светот за сите љубители на патувањата.
Девет од нив ќе бидат управувани од Виз Ер. Овие девет нови дестинации од Виз Ер се: од Скопје до Бари и Стокхолм, преку летови што ќе започнат на 27-ми овој месец; истиот ден ќе започне и воздушната линија од Охрид до Базел. На 28-ми октомври, главниот град прв пат ќе се поврзе со Мадрид, која е една од најпосакуваните дестинации од страна на нашите патници. Истиот ден на распоредот за летање се враќа и линијата до Ларнака. Потоа, од 15 декември – Скопје ќе се поврзе по прв пат со Прага и ние сме многу среќни поради тоа, бидејќи Прага беше, исто така, една од најпосакуваните дестинации од страна на нашите патници. Истиот ден се враќа и линијата до Келн.
Од 30 март 2026 година, двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации.
Од Меѓународниот аеродром во Скопје, Виз ер ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден авиокомпанијата отвора нова дестинација за одмор во Италија – Неапол, дестинација за која очекуваме многу голема побарувачка.
На 30 март 2026 година, Аеродромот Св. Апостол Павле од Охрид ќе биде поврзан со Милано.
Десеттата нова дестинација е линијата од Скопјe до Женева, која ИзиЏет ќе ја врати на 3 ноември.
Убеден сум дека сите овие нови дестинации ќе бидат од големо значење за нашите патници и дека ќе уживаат во секоја од нив, особено во овој период кога европските градови се подготвуваат за божиќните и новогодишните базари кога секој град се претвора во бајка.
Исто така, со оглед на фактот дека сите авионските билети за новите дестинации се веќе во продажба на веб-страниците на авиокомпаниите, ентузијастите за патувања можат да ги планираат своите идни патувања во 2026 година уште отсега, проверувајќи ги најдобрите опции за одмор, викенд или едноставна посета на нов град.
Колку вкупно авиопревозници и дестинации ќе има од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид?
-Зимскиот распоред на летови за 2025/26 година за Меѓународниот Аеродром Скопјe вклучува редовни и чартер летови, односно 49 редовни дестинации кои ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании и 13 чартер дестинации кои ќе ги опслужува една авиокомпанија.
Покрај новите 10 дестинации, кои ќе бидат вистинско освежување во овој зимски распоред, нема поголеми промени од претходните зимски распореди.
Анталија и Истанбул остануваат локации каде што ќе летаат повеќе од една авиокомпанија. Sun Express и Pegasus Airlines ќе летаат до Анталија, додека за Истанбул – Turkish Airlines до аеродромот iGA и Pegasus и Ajet до аеродромот Сабиха Гокчен.
Од аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, во текот на зимската сезона 2025/26 година, ќе има пет дестинации опслужени од три авиокомпании.
Какви се плановите на аеродромскиот оператор за натамошен развој на авиосообраќајот во државава?
-ТАВ Македонија континуирано работи на промоција и развој на воздушниот сообраќај, со цел да се обезбеди континуиран раст и подобрување на услугите за патниците. Во овој период, нашиот тим за развој на мрежата на рути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и Блискиот Исток. Од постојните пазари во наредниот период, ќе се фокусираме на поголема поврзаност со Шпанија и Обединетото Кралство.
Што покажуваат вашите анализи за дестинациите што ги бараат патниците и што може да се очекува во таа насока?
-Задоволни патници од нашите услуги се нашата главна мисија која не води сите овие 15 години, колку што постоиме на македонскиот пазар. Затоа, мислењето на патниците за нас е многу важно.
Враќањето на рутата Скопје – Барселона е само една од нивните барања која успеавме да ја реализираме. Нашите заложби да се ислезе во пресрет на нивните барања, резултираше со повторно воведување на долго очекуваната рута.
Слични се случаите и за Мадрид, Неапол, Прага, Бари, како нови дестинации и враќањето на Будимпешта, Ларнака и Женева. Сите овие дестинации повторно се воведуваат врз основа на барањата од нашите патници. Тие барања ни доаѓаат како оператор на аеродроми постојано, но ние правиме и анализа на пазарот и потенцијалот за воздушен сообраќај на одредена линија, помеѓу два града.
Во нашата комуникација со авиокомпаниите им го покажуваме потенцијалот за започнување летови од Скопје и Охрид дури и во ситуации кога не помислиле дека таа одредена линија може да стане вистински „хит“. Париз-Орли исто така беше воведена врз основа на нашата анализа за побарувачката.
Сите наши анализи покажаа дека постои силна побарувачка за дестинации за одмор, затоа нашите напори се постојано насочени во таа насока, а горенаведените рути се резултат на нашата работа.
Секако, новите рути од нискобуџетните авиокомпании за кои зборуваме сега се резултат на заедничката соработка и стратегија на ТАВ Македонија со Владата и нискобуџетните авиокомпании. Ги уверувам патниците дека во иднина ќе продолжиме да го слушаме нивниот глас, нивните предлози, нивните сугестии и ќе останеме поврзани со нивните барања, бидејќи тие се најважни за нас.
Во тој контекст како ја оценувате соработката со туристичкиот сектор и какви концепти ќе понудите во иднина?
-Соработката со домашниот и глобалниот туристички сектор е важен дел од нашето функционирање. Во последните години сме сведоци на зголемена отвореност, доверба и заеднички интереси во развојот на туризмот. Авијацијата и туризмот се силно поврзани.
Нашиот преговарачки тим е во постојани и значајни контакти што придонесуваат за поголема видливост на Македонија на светската туристичка мапа. Во таа насока, кон крајот на овој месец, ТАВ Македонија и земјата ќе бидат претставени на два роудшоуа во Скандинавија, поточно во Копенхаген и Стокхолм, како и во Азија, односно во Тајпеј, Сеул и Токио. И двата настана се организирани во соработка со NAITM – Националното здружение за дојдовен туризам во Македонија , а презентациите ќе бидат направени пред туроператори во секој од овие градови.
Целта е да се презентира работата на ТАВ Македонија, каде одблиску ќе се запознаат што повеќе луѓе со развојот и успехот на двата македонски аеродроми, кои секогаш се потенцијални наши посетители, а со тоа и да се привлечат што повеќе туристи во Северна Македонија.
Затоа, верувам дека со заедничка работа со сите учесници во туристичкиот сектор, можеме да изградиме препознатлива и конкурентна туристичка понуда, која што ќе придонесе земјата да стане препознатлива дестинација во светот.
Кои се тековните и идните инвестициии за јакнење на капацитетите на аеродромите, особено за поголема конкурентност во однос на останатите аеродроми во регионот?
-ТАВ Македонија постојано работи на зајакнување на капацитетите на двата македонски аеродроми, преку разни инвестиции. Моментално работиме на неколку големи проекти, од кои еден е проширувањето на делот од терминалот пред пасошката и безбедносната контрола, проект што ќе придонесе за побрз проток на патници во кое било време од денот.
Друг проект на кој моментално работиме е новиот ресторан на едно место „One stop shop“, проект на нашата сестринска компанија БTA, сместен во зоната на заминување и кој ќе биде уште еден прекрасен простор за патниците.
Особено важна инвестиција што се очекува да се реализира на почетокот на следната година е инсталирањето на нов скенер на безбедносниот пункт, кој е во согласност со светските стандарди и веќе го користат најсовремените светски аеродроми. Инсталацијата на овој уред е од големо значење за нас бидејќи значително ќе ги скрати и олесни процедурите за безбедносна проверка, брзата контрола и безбедноста и за патниците и за аеродромот.
Во однос на веќе реализираните инвестиции, би сакал да истакнам дека инвестиравме во нова опрема за аеродромската платформа и отворивме и сосема нова бесцаринска продавница на ATU Duty Free Best Seller Shop.
Го зголемивме бројот на шалтери од 23 на 32, што придонесува за побрзо и поефикасно пријавување на патници и багаж. Неодамна отворивме новo детско катче во близина на влезовите, инсталиравме два нови интерактивни инфо киосци во терминалот, а исто така инсталиравме и уреди за полнење и работни станици со удобни седишта низ целата зона за заминување со бесплатен безжичен интернет, а ја реновиравме и целата сигнализација на скопскиот аеродром, за да им се олесни на патниците движењето од едно до друго место или полесно да го пронајдат она што им е потребно.
Колку патници се превезени од почетокот на годинава на двата аеродрома и какви се очекувањата за до крајот на годината? Има ли промени во топ дестинациите за патување?
-Многу сум горд што од почетокот на годината, позитивниот тренд на раст на бројот на двата македонски аеродроми продолжува. Најновите статистички податоци од ТАВ Македонија покажуваат дека Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужија вкупно 2.585.096 патници во првите девет месеци, што е зголемување од 6 проценти во споредба со истиот период минатата година. Исто така, и што има зголемување и на бројот на летови – за 3 проценти во споредба со минатата година, односно што двата аеродрома опслужија 20.141 лет од почетокот на годината до септември.
Само во септември, двата македонски аеродрома опслужиле 329.523 патници, што е за 8 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година, а реализирани се 2.422 летови, што е за 1 процент повеќе од минатата година.
Одделните анализи за двата аеродрома за периодот од јануари до септември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопјe се превезени 2.375.264 патници, што е за 5,4 процент повеќе од минатата година, а додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид забележа двоцифрен пораст од високи 16,2 процент со 209.832 превезени патници.
Истанбул повторно е најфреквентна дестинација од Меѓународниот аеродром во Скопјe – вклучувајќи ги двата аеродрома IGA и Сабиха Гокчен со пазарен удел од 16,9 проценту. Потоа следуваат Базел Мулхаус (6,1 проџцент), Франкфурт (5,7 проценти), Цирих (4,6 проценти), Виена (4,2 проценти), Минхен – Меминген (4,1 процент) и Дортмунд (4,1 процент).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Турција (25,1 процент пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Германија (24,7 проценти), Швајцарија (10,9 проценти), Италија (5,2 проценти) и Австрија(4,4 проценти).
Би сакал да истакнам дека во наредниот период, ТАВ Македонија ќе продолжи да работи на отворање нови дестинации и привлекување нови авиокомпании, за подобра поврзаност на Македонија со светот, како и за подобрување на нашите аеродромски услуги.
Како се одразува на патувањата новината што стартуваше на 12 октомври за воведување на Системот за влез/излез (Entry/Exit System – EES) на Европската Унија, информирани ли се патниците за новите правила и постапки и што очекувате за идниот период?
-Ова е значајна новина воведена од Европската Унија, која ние како оператор на аеродроми, ја почитуваме и затоа почнавме навремено да ги дистрибуираме информациите до јавноста, за да можат нашите патници, преку информативна содржина и корисни линкови од надлежните институции, да пристигнат информирани на нашите аеродроми и да патуваат без никакви проблеми.
Овој тековен подготвителен процес, кој во пракса значи – добивање биометриски податоци од патниците што пристигнуваат на аеродромите на ЕУ, не влијае на подготовката за заминување на нашите патници. Сепак, со целосната имплементација на овој систем, кој според моменталните информации од ЕУ, од „EES“ треба да стане „ETIAS“ во последниот квартал од 2026 година, ќе значи дополнителни подготовки пред патувањата во ЕУ, односно ќе има потреба носителите на македонски пасош да пополнат онлајн формулар издаден од земјата на ЕУ и да платат одредена такса, да добијат QR код и да го покажат кај властите на сите гранични линии, вклучително и аеродромите, пред нивното патување.
Според моменталните информации од ЕУ, ова треба да стапи во сила од последниот квартал од 2026 година и затоа ќе ги подготвиме нашите патници, со тоа што навремено ќе ги информираме. Исто така, веруваме дека надлежните државни институции ќе ги информираат граѓаните, како што веќе направија за EES.
Патниците можат да ги проверат деталните информации за EES и ETIAS на оригиналниот извор – веб-страницата на ЕУ, на следните линкови – за EES: https://travel-europe.europa.eu/en/ees; за ETIAS: https://travel-europe.europa.eu/etias/about-etias/what-is-etias## и https://travel-europe.europa.eu/etias/how-to-apply/what-you-need-to-apply##.
Кои се главните предизвици за авиосообраќајот на глобално ниво и какви се очекувањата за наредниот период особено за трошоците за патување?
-Зголемените цени на енергијата, како и потребата од постојана инфраструктура и технолошки надградби, се фактори кои директно влијаат на трошоците за работа на аеродромите. За авиокомпаниите – важен фактор се цените на горивото. За сите воздухопловни бизниси, како и за секој бизнис, најважниот фактор се луѓето, вработените.
Како оператор на аеродроми и концесионер на македонските аеродроми, имаме долгорочна стратегија за стабилен раст на воздушниот сообраќај и за поголем развој на македонските аеродроми и на Македонската авијација воопшто. Среќни сме што Владата има чувство за развој на воздушниот сообраќај, затоа ги сметаме владините одлуки поврзани со авијацијата, кои не се само субвенции за нискобуџетни авиокомпании, како постојана поддршка кон нашата заедничка цел да ги претвориме македонските аеродроми во регионални воздухопловни центри.
Лидија Велковска
фото: ТАВ Аеродроми