Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, синоќа гостуваше во емисијата Трилинг на телевизија 24. Ѓорѓиевски истакна дека во моментов Скопје се соочува со најлоша состојба досега. Според него со добра организација проблемите можат брзо да се решат и дека во првите 72 часа ќе се спроведе голема акција за чистење на градот, во која ќе бидат вклучени сите општини, јавни претпријатија и општествено одговорни компании.

„Треба само добра организација. Немало досега ваква лоша состојба како што имаме денес, тоа треба да го признаеме, и тоа е фактичка состојба. Но, кога велам за добра организација, јас сметам дека добро знам да ги организирам состојбите и да ги решам проблемите. Во првите 72 часа, како што најавив одговорно тврдам дека градот ќе биде исчистен ќе се направи една голема генералка, во која што нема тоа да го направи само градот туку тука ќе помогнат сите општини, тоа е организација“, вели Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски посочи дека во изминатите четири години немало ниту еден координативен состанок со Градот Скопје, што го оцени како недозволиво. Тој истакна дека како претседател на ЗЕЛС покажал како треба да се соработува во интерес на граѓаните.

„Ние изминатите 4 години не сме имале координативен состанок со Градот Скопје. Тоа недопустливо, без разлика кој на која политичка партија припаѓа. Јас како претседател на ЗЕЛС, мислам дека покажав изминативе години, откако ја водам таа институција, како треба да функционираме сите заедно кога станува збор за интересот на граѓаните“, рече Ѓорѓиевски и додаде:

„Јас во тие 72 часа, освен што ќе ја пуштам целосно на располагање целата механизација на Градот Скопје и јавните претпријатија, тука ќе ги повикам сериозно да се вклучат сите општини, но да се вклучат и општествено одговорни компании, сите ќе излеземе“.