Голманот на македонската ракометна репрезентација, Никола Митревски, им се заблагодари на сите навивачи кои го дадоа својот глас за него во изборот за „Ракометар на годината“, истакнувајќи дека за него ова е голема чест и привилегија.

Митревски беше избран за најдобар играч од страна на публиката, нешто што му дава уште поголема мотивација за понапорна работа во иднина.

„Викендов беше чест да се биде дел од возобновената ракометна манифестација, Ракометари на Македонија 2025, организирана од нашата федерација. Ви благодарам на сите за поддршката којашто ја добив за избор за најдобар ракометар според навивачите за сезоната 2024/25.

Ова признание ми е поттик да продолжам да работам уште понапорно, да се усовршувам и да бидам пример за младите спортски надежи дека со труд, упорност и срце – сè е можно“, изјави чуварот на мрежата на Еурофарм Пелистер.

Покрај Митревски, признание за најдобар ракометар на годината доби капитенот на националниот тим и негов клупски соиграч, Филип Кузмановски.