Претседателот на Венецуела и лидер на Обединетата социјалистичка партија на Венецуела (ПСУВ), Николас Мадуро, ги повика народите и револуционерните сили на Латинска Америка на „долготраен континентален отпор против американскиот империјализам“.

Во обраќањето на пленарната седница на петтиот конгрес на ПСУВ и четвртиот конгрес на младината на партијата, што се одржа во театарот „Симон Боливар“ во Каракас, Мадуро го истакна наследството на поранешниот претседател Уго Чавез и остро ги критикуваше интервенционистичките политики на „империјалистичките сили“.

– Денес во империјализмот нема разумни и логични умови, рече Мадуро, предупредувајќи дека „психолошката и когнитивната војна“ го спречува светот да ја согледа решеноста на Венецуела да остане слободна и независна нација.

Тој истакна дека секој евентуален напад врз Венецуела би предизвикал заеднички одговор на целиот регион.

– Доколку се нападне Венецуела, тоа ќе биде удар врз целиот континент – Латинска Америка и Карибите ќе се обединат во еден глас на народен и траен отпор, рече Мадуро.

Тој ги повика граѓаните и „револуционерните сили“ да сторат сè за Венецуела да остане „неосвојлива, достоинствена и независна земја“.

фото: архива