По објавувањето на резултатите од локалните избори, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Викторија Андоновска, оцени дека СДС доживеал катастрофален пораз и дека партијата се наоѓа во целосен пад.
– СДС стана трета партија во државата и петта во Скопје. Ова не е случајност, туку последица на раководството на партијата и на Венко Филипче, кој очигледно и натаму работи под диригентската палка на Зоран Заев, изјави Андоновска.
Таа истакна дека наместо да ја реформира партијата, Филипче ја претворил во свој приватен проект под влијание на Заев, што, според неа, граѓаните јасно го препознале и го санкционирале на изборите.
– Со само шест освоени општини, едвај 126 илјади гласови и околу 230 советници, СДС го доживеа најголемиот изборен пораз во својата историја. Но, и покрај овие резултати, нема ниту реформи, ниту одговорност. Само празни изјави дека ја примиле пораката и дека ќе има промени, додаде Андоновска.
Според неа, време е партијата да се соочи со реалноста и да направи суштински промени.
– Филипче мора да си замине, а СДС конечно треба да се дистанцира од Заев и да започне вистински реформи, порача Андоновска.
Таа нагласи дека Македонија и ВМРО-ДПМНЕ имаат потреба од опозиција која ќе биде конструктивна, одговорна и насочена кон интересите на државата, а не арогантна и деструктивна.




