72 часа за „светнато“ Скопје
Акцијата започна во четвртокот навечер (8.11), со голема медиумска покриеност. На социјалните мрежи се појавија видеа и лајв преноси од десетици камиони, цистерни и механизација кои ги окупираа скопските улици.
„Во наредните 72 часа ќе дадеме сè од себе Скопје да заблеска, како што им ветив на моите сограѓани. Ќе помогнат и колегите градоначалници од внатрешноста, ќе се користат цистерни за перење улици. Ќе се чисти и плоштадот, кејот, а ќе се ревитализираат и јавните претпријатија“, изјави Ѓорѓиевски.
На терен, пред „Борис Трајковски“, му се придружија сите скопски градоначалници, како и премиерот Христијан Мицкоски.
Ден потоа тој оцени дека состојбата со јавната чистота во Скопје е апсурдна и дека е неверојатно во 21 век да се зборува за теми кои би требало одамна да бидат решени. „Се доведовме во ситуација во 21 век да зборуваме за елементарни работи, тоа делува и комично. Но, има работи кои мора да се направат“, рече Мицкоски.
Отстранување на вработени и најави за истраги
Градоначалникот Ѓорѓиевски информираше дека од јавните претпријатија се отстранети 371 лица поради неисполнување на работните обврски или злоупотреба на позицијата. Тој најави дека истрагите ќе продолжат.
„Имаме документирани индиции за злоупотреби. Возила за чистење биле ангажирани преку физички лица и плаќани како интелектуални услуги, во износ од 5 до 10 илјади евра. Ги повикувам надлежните институции да ја испитаат оваа работа“, додаде Ѓорѓиевски.
На скопските улици вчера излегоа екипи и на Општина центар, коишто со денови наназад го чистат центарот на градот.