Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун е во посета на Кина, само неколку денови откако предупреди дека можеби ќе побара „нов пат“ ако САД не ублажат санкции и притисок врз неговата изолирана држава.

Како што објавија кинеските државни медиуми, тој престојува во Кина од вчера до 10 јануари, а тоа е негов четврти состанок со претседателот Си Џинпинг во изминатата година.

Само минатата година, Ким трипати патуваше во Кина, пред и по состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп и со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае- ин.

Во придружба на севернокорејскиот лидер е и неговата сопруга Ри Сол Џу, министерот за надворешни работи Ри Џон Хо и други високи претставници на Северна Кореја.

Јужнокорејските медиуми вчера објавија дека севернокорејскиот воз, во кој е најверојатно висок официјален претставник од таа земја, ја преминал границата со Кина, додека јапонски медиуми јавија дека на гостите во хотел во кинескиот град Дандонг, кој се наоѓа во близина на севернокорејската граница, а чии соби гледаат кон пругата, им било забрането да останат во просториите во моментот кога поминувал возот.