Повеќе од 236.000 згради во Украина се уништени или оштетени за време на војната, а вкупно над 2,5 милиони живеалишта станаа недостапни поради вооружениот конфликт, што е приближно 10 отсто од целиот станбен фонд на земјата, се наведува во извештај на Меѓународната организација за миграција (МОМ) при ОН.
Во извештајот, кој ја опишува ситуацијата во Украина како „станбена криза без преседан“, се наведува дека достапноста и цените на становите се сериозно погодени од недостатокот на општински станови, во комбинација со недоволно регулиран пазар на изнајмување и масовното раселување на луѓе кои бегаат од војната.
Експертите на МОМ забележуваат дека околу 10,6 милиони Украинци – речиси една четвртина од предвоеното население на земјата – биле принудени да ги напуштат своите домови. Повеќето од нив заминале во странство. Две третини од 3,7 милиони раселени лица кои останале во Украина имаат потешкотии да платат за новите живеалишта. „За многумина, зависноста од пазарот на станови под кирија ги исцрпи семејните заштеди“, велат авторите на извештајот.
Според нивните проценки, раселените лица честопати трошат 50 отсто или повеќе од нивните приходи за кирија.
Бидејќи војната во Украина продолжува, извештајот нагласува дека задоволувањето на станбените потреби на раселените Украинци останува критичен приоритет.
„МОМ е посветена да им помага на внатрешно раселените лица и на заедниците кои ги прифаќаат да изградат трајна иднина. Ова вклучува обука за стекнување нови вештини, поврзување на луѓето со работни места и обезбедување стабилни домови“, изјави Роберт Тарнер, шеф на мисијата на МОМ во Украина.
Украинското Министерство за социјална политика работи на создавање дигитална алатка која ќе ги поддржува внатрешно раселените лица во секоја фаза – од евакуација до интеграција во нивните заедници.




