Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изрази надеж дека мирот во Украина ќе биде постигнат пред 2027 година, оценувајќи дека последните неколку месеци беа обележани со одлуки што претставуваа пресвртници во војната.

– Што се однесува до мене, останувам подеднакво решен да го постигнам овој мир. Мислам дека мора да продолжиме да го зголемуваме притисокот, како што го правиме тоа преку санкции и борба против руската фантомска флота, рече Макрон на заедничката конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој најави непосредно и десетгодишно зајакнување на билатералната соработка меѓу Франција и Украина, откако беше објавено дека Украина ќе купи до 100 авиони „Рафал“ од Франција.

– Правиме нов чекор. Обновата на украинската војска е клучен елемент на нашата колективна безбедност. Го продолжуваме приближувањето на нашите одбранбени индустрии. Потребна ни е украинска војска што е способна да одврати секое ново навлегување и да ја опреми украинската војска со сопствени одбранбени капацитети за заштита на нејзиниот воздушен простор, рече Макрон.

Тој наведе дека Франција ќе на Киев во следните три години ќе му испорача пресретнувачки дронови и наведувани гранати.

– Од друга страна, само Русија ја избра војната. Сè е подготвено за мир, само Русија одбива да го прифати. Русија тежи да ја преземе контролата над Украина. Соочени со таа тврдоглавост и непопустливост, остануваме решени и непоколебливи во нашата посветеност на мирот, наведе Макрон, додавајќи дека Франција продолжува со модернизацијата на украинската војска и одвраќањето од агресија.

– Овој договор ја покажува посветеноста на Франција да ја постави својата индустриска и технолошка извонредност во срцето на Украина и Европа, рече Макрон и повика на акции што ќе доведат до „праведен и траен мир“.

Тој наведе дека многу од испорачаните ракети и бомби на Украина се покажале на терен во досегашниот тек на војната.

„(Украина) дели историја со Европа, потребно е да ѝ се овозможи да стане слободна и европска“, рече Макрон.

Зеленски го поздрави договорот што беше потпишан претходно како „значително зајакнување на одбранбените способности“ на Украина.

– Потпишувањето на овој договор овозможува значително зајакнување на нашите одбранбени капацитети. Заедно ќе го зголемиме индустрискиот и технолошки потенцијал на Франција и Украина. Украина ќе може да добие 100 авиони Рафал, четири француски радари, осум системи за противвоздушна одбрана, шест системи за лансирање бомби, рече Зеленски.

Макрон и Зеленски претходно потпишаа писмо за намера, чии содржини засега не се познати, а Зеленски го нарече документот „историски договор“ со кој се дефинира долгорочната соработка меѓу двете земји.

– Ова ќе биде најголемиот систем за противвоздушна одбрана во светот, рече Зеленски.

Документот беше потпишан на маса поставена на пистата на воздухопловната база Вилакубле, пред летала и системи за противвоздушна одбрана.

Елисејската палата, неколку минути по потпишувањето на писмото за намера, соопшти дека Украина ќе купи до 100 авиони Рафал, опрема за противвоздушна одбрана и дронови од Франција.

МИА