Белгиското Министерството за одбрана склучи договор со летонската фирма „Ориџин Роботикс“ за набавка на системи за справување со дронови во вредност од 50 милиони евра.
Станува збор за напредни системи од беспилотни летала опремени со радар и мали камери оспособени за откривање, пресретнување и соборување на непријателски дронови.
Компанијата „Ориџин Роботикс“ ги развила овие уреди врз основа на технологија што се користи во војната во Украина за борба против руските дронови.
Според белгискиот министер за одбрана Тео Франкен, станува збор за „привремено решение“, чија цел е да се обезбеди брз одговор на евентуални нови појави на неидентификувани дронови во воздушниот простор на Белгија, како неодамнешните случаи кога беспилотни летала беа регистрирани над воени бази, аеродроми и други витални објекти во земјата.
– Јас сум министер веќе девет месеци, но заканата од дронови не е феномен што се појави во изминативе девет месеци. Сега преземаме важни чекори за да се справиме со проблемот во оваа сфера, изјави Франкен по повод склучувањето на договорот.
Тој најави и дека Владата за во иднина планира обезбедување на посеопфатен и многу поскап пакет за борба против дронови, кој вклучува напредни радарски системи и дополнителни капацитети за блокирање. За таа цел во Буџетот за одбраната се предвидени 500 милиони евра.
Со овие инвестиции, според Франкен, Белгија има за цел да ја зајакне својата отпорност кон растечката закана од дронови и значително да ги модернизира своите одбранбени ресурси.
– Тоа ќе придонесе за зајакнување на меѓународната соработка и споделување на безбедноста во рамките на НАТО, додаде Франкен.




