Струшката полиција поднесе кривични пријави против пет лица поврзани со уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески во Струга, соопшти денеска СВР Охрид.
Меѓу петмината е и поранешниот градоначалник на Струга Рамис Мерко, кој се товари за „Злоупотреба на службена положба и овластување“.
Според информацијата, ОВР Струга поднело кривична пријава против Н.К.(53) од струшкото село Велешта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”. Против В.Н.(62) од Охрид за „Несовесно работење на службата“ како и против Р.М.(68), Н.Н.(56) и Ѓ.Д.(59) сите од Струга, за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување”.
– Првопријавениот, на 15 октомври годинава, како инвеститор на катарстарска парцела во Струга, спротивно на решението за издавање заштитно конзерваторски услови, со градежна механизација срушил стара струшка куќа и при правење ископ, ги поткопал темелите од јужниот ѕид на соседната спомен куќа-музеј на Владо Малески, која од 2017 година, претставува споменик заштитен како значајно културно наследство, појасни пoртпаролот Стефан Димоски.
Второпријавената, додаде, во својство на архитект – конзерватор во Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид“, на основниот проект за семејна куќа, втиснала службен печат, ставила потпис и одобрила мислење за усогласеност со идеен проект со што, свесно постапила спротивно на Законот за заштита на културното наследство, спротивно на планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и спротивно на решението за издавање на заштитно конзерваторски услови, издадено од Министерство за култура, Управа за заштита на културно наследство.
– Третопријавениот, во својство на градоначалник на Струга, искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги овластувањата, свесно и спротивно на актите од Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и решението од Управата за културно наследство, потпишал одобрение за градење на семејната куќа од првопријавениот. Четвртопријавениот, со пречекорување на службената положба, овластувањата, како раководител на Oдделението за урбанизам го изготвил одобрението за градење, а го одобрил петтопријавениот како, помошник раководител на Сектор за урбанизам, комунални дејности, сообраќај и заштита на животна средина во општина Струга, изјави Димоски




