Претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека будно ќе го следат судскиот процес што почна денеска за трагедијата во Кочани и оти ова е тест за зрелоста на општеството.

-Започнува судењето за трагедијата во Кочани, и како и досега, СДСМ будно ќе го следи процесот и целиот овој случај. Ќе се спротивставиме на секој обид за манипулација, прикривање на вистината или одолговлекување на правдата. Бараме и очекуваме процесот да се води отворено и транспарентно, пред очите на целокупната јавност. Ова го должиме на родителите, на сите граѓани и на целото општество. Ова е еден голем тест за зрелоста на нашето општество, рече Филипче.

Тој ја коментираше реториката на премиерот Христијан Мицкоски, во изјавите кон СДСМ дека води „некрофилска политика“.

-Во тој контекст сакам да кажам дека сум згрозен од реториката на премиерот. Иако не сум изненаден, во текот на вчерашното интервју повеќе од десет пати спомена дека СДСМ води „некрофилска политика“. Ова за него не е ново, тој тоа го повторува подолг временски период. Таа реторика на навреди покажува само една работа – фрустрација од неуспешните обиди да се сокрие вистината, или некои блиски луѓе до ВМРО-ДПМНЕ да се заштитат од истрагата, или некој дел од истрагата да се изманипулира и некои работи да се сокријат под маса. И сметам дека тоа е страв од демократските алатки за докажување на вистината во овој страшен случај и во оваа трагедија, оцени тој.

Во тој контекст, повтори дека затоа побарале и Анкетна комисија и Надзорна расправа во Собранието, посочувајќи дека немаат никаков проблем во тие расправи да се вклучат и останатите трагедии, како што беше со Модуларната болница и за несреќата со превозниците без лиценци.

-Веќе вчера во Собранието и формално го доставивме тоа барање, што значи дека ќе ги искористиме сите демократски механизми за да се истражи секој детал од оваа трагедија. И затоа порачувам и на родителите и на целокупната јавност, сè што правиме од самиот почеток, уште веднаш по трагедијата, е барање за поддршка за семејствата и разоткривање на вистината за овој случај. И ова не е некрофилска полтика. Нема да се откажеме од намерата да останеме цврсто во одбраната на јавниот интерес и правдата. Сите демократски алатки кои ни се нудат и како политичка партија, и преку Собранието, и преку расправите што ги побаравме, ќе ги искористиме за вистината конечно да излезе на виделина, истакна Филипче.

Тој одговарајќи на новинарски прашања кажа дека не бега од ниту еден случај и трагедија за којшто ќе се расправа во Собранието, и оти остава на експертите во Парламентот да одлучат дали тоа ќе биде во рамки на една комисија, или посебни комисии, повторувајќи дека треба да се искористат сите механизми со цел вакви трагедии да не се случат повторно.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски вчера во изјава за медиумите рече дека ги прифаќаат барањата на СДСМ и Левица за Надзорна расправа и Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, но, потенцирајќи дека расправата во Собранието треба да биде проширена и да ги вклучи и сите претходни трагедии.

-Ние соопштивме дека треба прво да почекаме да заврши судењето, па потоа да влеземе во ваква операција. Но, со оглед на тоа дека вчера и СДСМ и Левица укажаа дека ќе поднесат такво барање, ние таквото барање ќе го прифатиме. Но, кога разговараме за една ваква тема за која што ние исклучиво кажуваме дека е злоупотребувана за некрофилско добивање политички поени, треба ваквата Анкетна комисија да е проширена и за сите други трагедии за кои нема ни кривична, ниту човечка, ниту политичка одговорност, рече Стојаноски.

Фото: Архива