Пратеникот на СДСМ и поранешен министер, Љупчо Николовски, реагира на срамниот одговор на министерот Трипуновски за скандалот со суспензијата на ИПАРД средствата, кој воопшто и не содржи никакви информации ниту пак одговори, стои во соопштението на СДСМ што го пренесуваме интегрално, со напомена дека Николовски во соопштението го „разрешил“ актуелниот министер за земјоделство, за кого пишува дека е „во заминување“:
„Срамен и скандалозен „одговор“ добив од Министерството и Министерот во заминување на моите официјални барања. Барања во кои побарав јасно и конкретно:
* причините за суспензијата на ИПАРД,
* времетраењето на блокадата,
* бројот на загрозени корисници,
* последиците за земјоделците,
* и планираните чекори за надминување на кризата.
Наместо одговор на овие пет клучни точки, добив документ кој воопшто не одговара на ниту едно прашање. Нема факти, нема рокови, нема план.
Собранието е понижено со ваков однос од министер кој и понатаму молчи, бега од пратенички прашања и одбегнува какво било соочување.
А додека тој бега, земјоделците остануваат со блокирани исплати, блокирани проекти и замрзнати 130 милиони евра, без ниту една информација кога и дали проблемот ќе биде решен.
Како претседател на Комисијата ќе продолжам да барам вистински одговори, затоа што институциите не смеат да молчат, а земјоделците не смеат да бидат оставени сами.“ стои во објавата на Николовски.
Фото: архива




