Израел планира да прифати илјадници Индијци кои се идентификуваат како потомци на библиското племе Менаше во наредните години, објави денеска канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, цитирана од ДПА.
Владата го одобри предлогот на Нетанјаху, кој ќе им овозможи на 1.200 членови на заедницата Бнеи Менаше од североисточна Индија да имигрираат до крајот на следната година.
Се очекува вкупниот број да достигне 5.800 до 2030 година, при што повеќето од новодојденците ќе се населат во северен Израел.
Цената на програмата до 2026 година се проценува на околу 27 милиони долари, што опфаќа домување, интеграција на пазарот на трудот и обука за хебрејски јазик.
Бнеи Менаше се еврејска група која живее главно во индиските држави Манипур и Мизорам, а кои веруваат дека се потомци на древното израелско племе Менаше.
Нетанјаху го опиша планот како „важен и ционистички“ и рече дека тој ќе помогне во зајакнувањето на северен Израел, регион тешко погоден од конфликтот со либанската група Хезболах, која принуди десетици илјади жители да избегаат или да се евакуираат во последните години.
Според кабинетот на премиерот, околу 4.000 членови на Бнеи Менаше емигрирале во Израел во текот на изминатите две децении. Се очекува новата програма да ја заврши миграцијата на заедницата.




