Во организацијата на трите најголеми синдикати во Белгија денеска започнуваат серија штрајкови, кои ќе кулминираат в среда со 24-часовен генерален штрајк.
Конфедерацијата на христијанските синдикати (ЦСЦ/АЦВ), Генералната федерација на трудот на Белгија (ФГТБ/АБВВ) и Генералната конфедерација на либералните синдикати на Белгија (ЦГСЛБ/АЦЛВБ) ги организираат штрајковите во знак на протест поради социо-економските реформи на белгиската Федералната влада, кои влијаат на висината на пензиите и платите и условите за работа.
Трите синдикати нагласуваат дека тридневниот штрајк е „неопходен чекор“, со цел да се натераат белгискиот премиер Барт де Вевер и неговата Влада „да стават крај на социјалното распаѓање“.
Синдикатите обвинуваат дека со владините мерки се намалуваат пензиите и социјалната поддршка, се зголемува ДДВ-то и, како што тврдат, се ограничуваат правата на работниците.
Меѓу синдикалните барања, покрај откажување од овие мерки, се и воведување „даноци за богатите и дигитални гиганти“ и укинување на „безусловните субвенции за големи компании“.
Серијата штрајкови почнуваат денеска со прекини на работата во јавниот превоз, утре ќе почнат да штрајкуваат и јавните служби и образованието, додека в среда за време на генералниот штрајк на нив ќе и се приклучат и останатите вработени во државниот и во приватниот сектор.
За разлика од претходните генерални штрајкови за време на кои се одржуваа протестни маршови во Брисел, за овој пат не е предвидена ваква манифестација. На маршот на последниот генерален штрајк на 14 октомври учествуваа околу 100.000 луѓе.
Предвидено е авионскиот сообраќај денеска и утре да функционира нормално, но за в среда се откажани сите полетувања од бриселскиот аеродром „Завентем“, како и дел од летовите кон Брисел. Од друга страна, аеродромот „Брисел Југ-Шарлероа“, на кој сообраќаат и авионите на релација Скопје-Брисел-Скопје, в среда ќе биде целосно затворен за сообраќај.
Националната железничка компанија на Белгија (СНЦБ/НМБС) информира дека поради штрајкот ќе има прекин во железничките услуги на внатрешните линии во земјата од синоќа во 22 часот, па до вечерта на полноќ на 26 ноември.
Раководството на белгиската железница соопшти дека ќе се направат обиди за организирање „алтернативни железнички услуги“, односно повремено сообраќање на некои возови, во зависност од расположливиот персонал.
Дополнително, се очекува редуцирање и на бројот на линиите на меѓународните брзи возови. Така, ќе сообраќаат само половина од редовните линии на релација Брисел – Париз, 75 отсто од линиите од белгискиот главен град кон Амстердам и Лондон, како и само 20 проценти од возовите кон Германија.
За време на сите три дена од штрајкот се очекуваат „значителни прекини“ во функционирањето на метрото, трамваите и градските автобуси во Брисел, но не е познат точниот обем на прекините на линиите.
За од денеска, па до 27 ноември во утринските часови, најавен е и „целосен или делумен“ прекин на фериботскиот сообраќај од белгиските пристаништа.
Од вечерва, па до среда на полноќ, нема да функционираат ни комуналните служби, па локаланите власти ги советуваа граѓаните „да не фрлаат ѓубре во текот на деновите на штрајкот“.
Се очекува делумен прекин и на поштенските услуги, додека супермаркетите предвидуваат „минимално влијание“ на штрајкот. За време на претходните генерални штрајкови маркетите работеа вообичаено со ограничено отсуство на вработените.
Во прекин, делумно или целосно, ќе бидат и административни услуги ширум Белгија. Конкретно во Брисел, градската администрација информира дека нејзините служби нема да работат во трите дена на штрајкот.
Од друга, страна се очекува судовите да работат нормално и не се откажани судењата предвидена за 24, 25 и 26 ноември. Сепак, според судската управа, поради прекините во јавниот превоз, можно е некои судења да доцнат или дополнително да бидат одложени.
Училиштата нема да работат утре и в среда, а во сите три дена на штрајкот ќе штрајкува и полицијата, согласно полицискиот правилник за прекин на работата.
ФОТО: Белга Њус Агенси




